24 ЧАСА ТЕРЕНСКА АКТИВНОСТ НА ЗИМСКАТА СЛУЖБА

24 ЧАСА ТЕРЕНСКА АКТИВНОСТ НА ЗИМСКАТА СЛУЖБА

Зимската служба во Општина Битола постојано е активна на терен, патиштата се проодни, а чистењето се врши според определениот приоритет:

„Ова е првиот поголем снег оваа зимска сезона и честопати се кажуваше дека првиот снег не изненади меѓутоа ние тврдевме дека нашата зимска служба е максимално подготвена поучени од ред сезони наназад, така што иако во текот на ноќта и денеска имаше навистина големи врнежи од снег – сите патишта се пробиени. Практично во утринските часови некаде имаше мал застој, меѓутоа сега (до пладне) сите патишта во општина Битола се максимално пробиени, нема пречки во одвивањето на наставата во училиштата, тие работат. Во урбаниот дел на градот службите максимално се на терен и во текот на денот ќе чистат и во секундарниот дел. Прво се обезбедени улиците од прва категорија, па од втора итн. Како што се обезбедуваат поголемите сообраќајници така се оди во помалите сообраќајници, поголеми проблеми нема, а нашите екипи ќе бидат на терен 24 часа, изјави Градоначалникот на Општина Битола м-р Владимир Талески.

Тендерите се завршени и веќе се направени договорите, така што обезбедени се доволни количини на сол и ризла, како и потребната механизација за оваа зимска сезона. Доколку се случат поголеми врнежи на снег ќе се зголеми и екипираноста на терен. Ситуацијата во моментот е под максимална контрола на координативното тело за организирање и функционирање на зимската служба на подрачјето на Општина Битола за сезоната 2012/2013 година. Ова координативно тело кое го сочинуваат претставници на КЈП Нискоградба, ЈП Комуналец, Дирекцијата за заштита и спасување, центарот за управување со кризи, СВР Битола и Општина Битола во изминатиот период одржа повеќе координативни состаноци, а според потребите во идниот период истите ќе се интензивираат со цел максимална активност на терен и обезбедување на подобри услови на територијата на општина Битола во овие зимски денови.