ИНФРАСТРУКТУРНО СЕ УРЕДУВА УЛИЦА „ШИРОКА“

ИНФРАСТРУКТУРНО СЕ УРЕДУВА УЛИЦА „ШИРОКА“

Денес започнаа активностите за инфраструктурно уредување на улицата „Широка“. КЈП Нискоградба започна со поставување на канализациона мрежа во должина од 700 метри во вредност од 6 300 000 денари. Веднаш после завршувањето на овој зафат се продолжува со поставување на водоводна мрежа, а потоа ќе следува и асфалтирање.
„Оваа интервенција е по барање на граѓаните од овој дел на градот. Ова е многу специфично место од повеќе аспекти, поради што решивме и повеќе да се посветиме. Денес работиме на поставување на канализационата мрежа, а потоа ќе следува водоводната мрежа и коловозот. Станува збор за инвестиција од 30 000 000 денари која не е мала, а верувам е многу потребна. Претходно, дел од улица Широка беше направен, но истата не беше пробиена до улицата Кукуш. Со пробивањето на оваа улица ќе им се олесни движењето на многу мештани“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
КЈП Нискоградба покрај континуираните активности на терен во соработка со локалната самоуправа, постојано вложува и во подобрување и зголемување на својата опременост:
„Во овој дел и воопшто на целата населба Баир знаеме дека најголем проблем се канализационите системи, затоа општината секоја година вложува се повеќе со цел ова место да го направи подобро и поубаво за живеење. Покрај новите машини кои неодамна ги набавивме сакам да ве информирам дека КЈП Нискоградба набави и ударен чекан со сила од 600 џули и 1200 удари во минута што е особено значајно за нашите интервенции особено во овој карпест дел. Тоа услуга за која досега моравме да плаќаме“, изјави Кире Крстевски, директор на КЈП Нискоградба.
Во изминатиот период, локалната самоуправа реализираше голем дел од барањата на урбаната заедница Тодор Анѓелевски, а во таа насока се продолжува и понатаму. Во оваа урбана заедница предвидена е изградба и на потпорен ѕид кој е од големо значење за мештаните.
„Тоа што го ветуваат градоначалникот и локалната самоуправа почнува да се реализира. Досега комплетно е направена улицата Едвард Кардељ, крајот на улицата Кристијан Карпош накај Кркардаш – една доста специфична улица, на ул.Работничка се работи на потпорен ѕид. Кај нас соработката е на високо ниво и верувам дека така и ќе продолжи“, изјави Тони Ристевски од УЗ Тодор Анѓелевски.
Покрај на улицата „Широка“, општината интензивно работи на инфраструктурно уредување на повеќе локации низ општина Битола, како во урбаниот, така и во руралниот дел.