33 СЕМАКЕДОНСКА ПОГРАНИЧНА СРЕДБА ВО ТРНОВО

33 СЕМАКЕДОНСКА ПОГРАНИЧНА СРЕДБА ВО ТРНОВО

Човекови права и национална рамноправност на сите македонци без разлика каде се родени и каде живеат. Ова е мотото на 33 традиционална семакедонска погранична средба која денес се одржа во Трново.
„Денес го славиме националниот празник на Македонија – Илинден, денес чествуваме за храбрата борба на нашите синови и ќерки, за безмерната храброст која ја покажаа, а за која им честитаа генералите на Турската Империја, за големата организираност на внатрешната македонска револуционерна организација која ја опфати целокупната етничка Македонија. Чествуваме за издадениот Манифест кој повикува на хуманост и обединување на народите против заедничкиот непријател, чествуваме за Крушевската република која е врв на таа силна револуција што ја искажаа нашите борци. Не помалку е силна и борбата на нашите во народноослободителната борба за Македонија. Со голема горчина се сеќаваме на 1913 година, на Букурешт, затоа што тогаш се распарчи Македонија, рече во своето обраќање Ѓорѓи Волчевски, потпретседател на Здружението на македонците од Егејскиот дел на Македонија.
Акцентот на оваа средба беше ставен на националното прашање на македонците не само во Грција, туку во цел свет. И годинава средбата се одржува под покровителство на Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески.
„Овде на ова место каде што се случуваат најубавите настани сакам да ги поздравам организаторите – Здружението на македонците од Егејскиот дел на Македонија. Ние максимално ги поддржуваме и им честитаме на одличната организација. Исто така, сакам да Ве поздравам сите Вас почитувани присутни кои што ни доаѓате од европските, прекуокеанските земји секогаш кога се наближува големиот ден на македонците – Илинден. Еве неколку дена пред пред големиот Илинден повторно сме овде за да ја задржиме традицијата, за да се потсетиме на историјата, за да ги кажеме најубавите, најкреативните работи коишто се однесуваат на иднината на нашиот народ и на нашата татковина. Оваа 33 средба е многу значајна затоа што таа е магнет за сите луѓе кои што сакаат да помогнат за иднината на нашата земја. Оваа средба во текот на историјата направи голем напредок во развојот бидејќи влијаеше врз одлуките кои што се однесуваа на развој на нашата општина и на нашата земја. Почитувани присутни, Вие сте гости во Општина Битола, која што последниве неколку години во повеќе сегменти направи голем развој. Покрај инфраструктурниот дел којшто го развиваме од ден во ден, подобрувањето на условите во образованието, се потрудивме да направиме и услови за инвестиции. Денеска кога Ве има од цела Европа и од цел свет, од прекуокеанските земји, ја користам оваа можност да ве повикам да ја разгледате Битола и да размислите за Ваше враќање во Република Македонија, рече Градоначалникот на Општина Битола, во своето обраќање на 33 семакедонска погранична средба во Трново.
На денешната манифестација во Трново, покрај големиот број гости присуствуваа и претставници од „Виножито“од Република Грција, претставници од „ОМО – Илинден Пирин“ – Република Бугарија и претставници од Врбник – Република Албанија. Со свои телеграми овој ден го честитаа и претставници на македонската егејска асоцијација од Австралија.