ТЕАТРИ ОД МЕКСИКО, ТУРЦИЈА, АЛБАНИЈА, РУСИЈА И МАКЕДОНИЈА НА ВТОРОТО ИЗДАНИЕ НА БИТОЛА ШЕКСПИР ФЕСТИВАЛ

ТЕАТРИ ОД МЕКСИКО, ТУРЦИЈА, АЛБАНИЈА, РУСИЈА И МАКЕДОНИЈА НА ВТОРОТО ИЗДАНИЕ НА БИТОЛА ШЕКСПИР ФЕСТИВАЛ

Во сабота на 19 јули започнува второто издание на Битола Шекспир фестивалот. Театарските претстави ќе бидат одиграни во Народниот театар Битола, а фестивалот ќе биде отворен со театарската претстава од Националниот театар – Мексико „Хенри IV“во режија на Хуго Аревилјага Серано. Изведбата на шекспировите стихови на мексикански и шпански, звучи мераклиски снажно. И оваа година, Шекспир фестивалот се реализира  во соработка помеѓу Министерството за култура, општината Битола и Народен театар – Битола.
„Нашата идеја мотивираше други позитивни иницијативи. Оваа 2014 година поставени се 4 дела на Шекспир на сцените на театрите во Македонија и тоа не се случило во ниту една година во 70 годишното постоење на театарските куќи во државата. Некои театри за прв пат го поставија Шекспир дури по 30 годишно постоење, значи инфлуенцата која ја донесе битолскиот театар со Шекспировиот фестивал денес се гледа и се чувствува“, посочи Светозарев.
Како вовед во Шекспир фестивалот, годинава беше гостувањето на Глоуб театарот од Лондон на 05 јуни во Хераклеа. Овој претфестивалски настан исто така предизвика огромен интерес
„Битолскиот театар како и секогаш е неколку чекори понапред од театарите во опкружувањето. Нашата поддршка и поддршката на Министерството за култура се потврда за уште еден успешен позитивен пример, но на ваков начин се подигнува и критериумот на сите актери кои придонесуваат за овој голем културен настан. Во Шекспир се сите лекции од животот, Шекспир и денес е најсовремениот и најмодерниот автор, Шекспир е класика и Шекспир е авангарда“, рече меѓудругото градоначалникот Владимир Талески на денешната прес конференција во Битола.
Минатогодишното искуство покажа дека постои голем интерес за театарските претстави кои се дел од Шекспир фестивалот и дека овој фестивал заслужено продолжува. Шекспир фестивалот ќе трае до 26 јули, а во овој период ќе можат да се погледнат и театарските претстави: „Многу врева за ништо“ од Театар комедија – Скопје во Режија на Дејан Пројковски, Хамлет од Националниот театар од Истанбул во режија на Исил Касапоглу, Сон на летната ноќ од Национален театар – Тирана, Албанија- режија Џон Блондел, „Крал Лир“- Театар Џинот од Велес – Ѕвездана Ангеловска, „Отело“- НУ Народен театар Битола – режија Диего Де Бреа, „Сон на летната ноќ“ – театар „Војдан Чернодрински“-Прилеп, режија Нела Витошевиќ, „Без Лир“-режија Еберхард Колнер – Театар Поколенија – Санкт Петербург – Русија.