ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА НОВИОТ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА „СЈУ РАЈДЕР“

ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА НОВИОТ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА „СЈУ РАЈДЕР“

Министерот за труд и социјална политика, заменик министерот за локална самоуправа, градоначалникот на општина Битола, директорката на домот за стари лица „Сју Рајдер“ и голем број други гости, присуствуваа на денешната свеченост по повод пуштањето во употреба на новиот објект. Стариот објект изграден во 1967 година, со значително мал капацитет и скромни услови, веќе е минато, а на негово место изграден е комплетно нов објект по европски стандарди.
„Ми претставува чест што денес ја имам можноста да присуствувам на отворањето на комплетно новиот дом за стари лица во Битола. Се работи за инвестиција вредна 850 000 евра реализирана во соработка на општината Битола и Владата на Република Македонија. Особено битна инвестиција која е во насока на подобрување и унапредување на постоечките капацитети за згрижување на старите лица. Овој нов и современ објект е изграден согласно сите модерни и европски стандарди за домови за стари лица и е вистински показател за грижата на Владата на Република Македонија за старите лица, како и вистински показател дека она што оваа Влада ќе го вети на граѓаните, ќе го започне и ќе го реализира. Овој објект е со значително зголемен капацитет. Имено, ако досега сместувачкиот капацитет беше за 90 лица, сега е за 150 стари лица, од кои што министерството за труд и социјална политика освен блок дотациите, го покрива и згрижувањето и сместувањето на околу 40 стари лица кои се материјално необезбедени и во тешка здравствена состојба“, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Секоја од собите згрижува најмногу 2 -3 лица, секоја соба има засебен тоалет, а на секој кат има трпезарија. Стручен и професионален кадар ќе им овозможи 24 часовна нега и грижа на сите лица кои се згрижени во овој старски дом.
„И овој проект е резултат на заедничка поддршка и континуитет во соработката меѓу локалната самоуправа и Владата на РМ. Тука беа две стари бараки. Реконструкцијата е направена од чиста нула. Добивме два прекрасни објекти. Едниот е за лица кои што имаат потешки здравствени проблеми, а другиот е за луѓе кои можат да се движат. Околу 650 000 евра од проектот се финансирани преку ИПА фондовите, преку министерството за локална самоуправа, а 178 000 евра се платени од општина Битола и целата разлика која тековно се појави ја надополни општината. Придобивката е многу голема, затоа што денеска можеме да кажеме дека во општина Битола се даваат најповолните услови за сместување и според цената и според условите. Голема благодарност до Владата на РМ затоа што без нивна помош, немаше да можеме овој проект да го реализираме, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Министерот за труд и социјална политика најави и понатамошни вакви проекти, како и привлекување на приватни инвеститори со цел зголемување на капацитетите за сместување на старите лица. Во таа насока Владата веќе создаде повеќе поволности, како: намалување на цената на градежното земјиште на домови за стари лица во износ од 1 евро од метар квадратен почетна цена, намалени комунални такси за 95%, во соработка со единиците на локалната самоуправа дефинирани се повеќе слободни локации во кои се очекува наскоро да започнат директни инвестиции. Општина Битола, според заменик министерот за локална самоуправа е една од најуспешните општини во искористувањето на средствата од ИПА фондовите:
„Ме радува фактот што општина Битола, е една успешна приказна во искористување на средствата од ИПА програмата. Покрај овој проект, општина Битола заедно со центарот за развој на пелагонискиот плански регион, невладините организации, има искористено 23 проекти за прекугранична соработка или во вкупна вредност од 2,5 милиони евра, средства донесени во општина Битола и во интерес на граѓаните на општината“, изјави заменик министерот за локална самоуправа, Ѓоргија Сајкоски.