„Профилакса на заболувања на крвните садови на срцето во детска возраст”е насловен пограничниот проект посветен на здравјето кај децата кој денеска го претстави Клиничка болница-Битола . Проектот е финансиран од ЕУ преку ИПА програмата за меѓугранична соработка Грција – Македонија 2007/2013, а Општина Битола ја поддржува неговата реализација.
Проектот ќе го реализираат Универзитетот „Аристотелис” од Солун – како севкупен водечки партнер и Клиничка Болница „Др. Трифун Пановски”-Битола како водечки партнер од македонската страна. Во проектот вклучени се и
Здравствен дом-Гевгелија од македонска страна, Општа Болница Јаница и општа болница „Елени Тх. Димитриу”-Лерин од грчка страна,.
Суштината на проектот е преку соодветни биохемиски и генетски анализи на крвта, пред се кај децата од 8-12 години со прекумерна тежина, но и кај останатите, да се детектираат ризик факторите за појава на кардиоваскуларни заболувања и дијабет во нивната возрасна фаза.
„Многупати се прават обиди да се испита влијанието на дебелината кај децата или кај возрасните и поврзаноста со кардиоваскуларните заболувања. Оваа погранична соработка ќе ни овозможува да извршиме испитувања кај децата од 8 до 12 годишна возраст во училиштата во Битола. Резултатите ќе придонесат да се направи посебен план за исхрана и промена на начинот на исхрана бидејќи ако навремено се превенира, тогаш ќе има долгорочни позитивни промени во нивниот живот, изјави Мери Џарлиева, педијатар-неонатолог во Клиничка болница-Битола.
Проектот ќе се реализира преку одржување на стручни предавања за запознавање на наставниците,родителите и децата со целта на проектот и земање на крв на децата на возраст од 8 – 12 години за соодветните анализи. Сите анализи ќе се вршат во универзитетот „Аристотелис” и затоа е потребно крвта која ќе се зема од децата во основните училишта во општина Битола и Гевгелија да биде транспортирана преку граница на соодветен начин. Исто така на крајот повторно,преку трибини и лично родителите ќе бидат информирани за резултатите од анализите и едуцирани за поматамошни постапувања.
Сето ова ќе резултира и со семантички збогатени електронски кардиоваскуларни записи со поддршка на њеб 3.0 технологија за медицински професионалци,како и географски презентирани резултати во подсистем базиран на њеб 2.0 технологии. Овие мапи ке се изработат во одделот за медицинска информатика на истиот универзитет и ке бидат достапни за сите.