Градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески оствари средба со делегација на кинескиот град Нингбо која ја предводеше Динг Хаи Бин, втор генерален секретар на општинската народна влада во Нингбо, Кина.
На средбата присуствуваа и претседателот на Регионалната стопанска комора Мирко Велковски, како и претставници на менаџментот на ЗК „Пелагонија“, „Битолска Млекарница“, „Цермат“ и индустриската зона „Жабени“, кои разговараа за стопанската соработка меѓу двата града.
„Информирани сме и добивме покана за учество на големиот саем што во јуни се одржува во Нингбо, а на кој годинава ќе се претстават компании и институции од централна и југоисточна Европа. За нас е важно и значајно што ќе се претставиме, но и што ќе оствариме директни контакти со потенцијалните инвеститори од Кина кои со нескриени симпатии гледаат на нашиот град, кој е збратимен со Нингбо, рече градоначалникот Талески.
Кинеската делегација посебен акцент стави на производството на здрава храна, млеко и други производи кои може да се увезат од Пелагонија.
„Уверен сум дека со стопанствениците од Македонија и посебно од Битола ќе се договориме за да во Кина пристигне македонска здрава храна, млеко, сирење, кашкавал, следолед и други производи што ќе бидат во нашите маркети. Имате голем потенцијал и сте конкурентни за овој дел на Европа, а во прилог на нашите намери се и потпишаните договори на владите од двете држави, рече меѓу другото Хаи Бин за време на посетата на општина Битола.
На средбата беше договорено за време на гостувањето на битолските стопанственици во Кина да биде потпишан договор за директна соработка со Регионалната стопанска комора и комората во Нингбо, додека пак збратимените градови ќе потпишат договор за соработка во областа на културата, образованието и туризмот.