Министерот за привлекување странски инвестиции Горан Мицковски денеска ја посети општина Битола и одржа состанок со градоначалникот Владимир Талески, претставници на локалната самоуправа и бизнисмени.
Мицковски нагласи дека има намера да помогне и придонесе за повеќе инвестиции во Пелагонија.
„Сакам повеќе инвестиции во овој крај, да заживее економијата, да запре миграцијата и да донесеме солидни бизниси. Да ја ставиме Битола на мапата на поголемите бизнис компании од светот, истакна министерот кој во придружба на градоначалникот Талески ги посети и големата германска инвестиција „Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона „Жабени“ но и ЗК Пелагонија каде исто така, во завршна фаза е една нова голема инвестиција.
„Нашиот тим работи глобално, според анализите каде што има потенцијал за обезбедување инвестиции и вложувачи би инвестирале тука. Не е исклучена и дијаспората за што водиме разговори со бизнисмени од повеќе држави, а јас лично би сакал да има инвестиции од Австралија, но и од други земји“, рече Мицковски.
На средбата беше посочено дека Битола е веќе докажана дестинација за странските инвеститори во Македонија и одлична можност за успешно водење на нивниот бизнис. Овој тренд потребно е да се задржи и надгради, со промовирање на активните мерки кои Владата ги нуди за привлекување на инвестиции, со неуморно презентирање на македонските економски можности пред секоја позначајна компанија во светот и со работа на терен која ќе овозможи изградба на инфраструктура соодветна за инвестирање.
Градоначалникот Талески потсети на релациите и успешната соработка меѓу општината и Владата за привлекување директни странски инвестиции и за подобрување на инвестициската политика.
„Постигнатите резултати се благодарение на поволностите што ги даваат Владата и општина Битола. Во „Кромберг и Шуберт“ ќе биде прославено двеилјадитото вработување, а наскоро таму ќе почнат со изградба на нова хала за нови 1.500 нововработени. Во ЗК „Пелагонија“ се инвестирани над 17 милиони евра за изградба на гасни централи и фарма, со што се потврди дека имаме услови за инвестирање од страна на странските, но и домашните инвеститори“, изјави Талески.