Новогодишните празнувања носат најголема радост за најмладите. Денес, на Стара Нова година – Василица воспитаниците од Детската градинка „Коца Василевска“ вртејќи мазник со паричка , со многу песна и радост го одбележаа денешниот ден. Најмладите во оваа установа, денес на нивната прослава ги посети Градоначалникот на Општина Битола м-р Владимир Талески кој што честитајќи им ги празниците на младите и наградувајќи го најсреќниот потсети за досегашната грижа на надлежните за сите 7 градинки кои што припаѓаат на ЈОУДГ Мајски цвет, каде што се згрижени 650 деца за кои што се грижат 63 вработени.
„Денеска сме меѓу оние кои што најмногу ги сакаме, меѓу најмладите, нашата иднина, дечињата во градинката „Мајски цвет“ поточно во „Коца Василевска“. Сакавме лично да се увериме по покана на директорката токму во овој објект дојдовме денеска. Знаете дека „Мајски цвет“ има седум објекти откако општината го отстапи просторот на МЗ Јонче Мурџевски ја имаме и градинката „Ѕвездички“ и мислам дека на тој начин многу помагаме и на младите родители, се разбира и на бабите и дедовците, затоа што грижата за најмалите треба да биде постојана. Во таа смисла се трудиме максимално, колку што ни дозволуваат можностите да помогнеме на сите објекти, во подобрување на условите за најмалите. Градинките се максимално опремени, поставена е нова дограма, нови паркети, некаде кровната конструкција е смената. Овде не смее ништо да недостасува. Подобрувањето на условите и максималната грижа на персоналот во градинките практично овозможи да се зголеми бројката на нови дечиња кои што доаѓаат во градинките. Јас сум убеден дека и во наредниот период ќе работиме на проширување изнаоѓање нови простори и подобрување на условите за што поголем број деца, затоа што младите родители се се позафатени, а своите дечиња треба да ги остават во сигурни раце, изјави Градоначалникот на Општина Битола, м-р Владимир Талески.
Големиот број проекти и инвестиции во детските градинки се реализирани со поддршка на Министерството за труд и социјална политика, Општина Битола, како и со сопствени средства на детската градинка.
„Се за нашите деца е мотото кое што ја прати ЈОУДГ „Мајски цвет“ во изминатиот период и ќе ја прати и во иднина и ќе ја мобилизира целокупната наша креативност и енергија во обезбедување на оптимални услови за едукација и престој на децата во грдинките, затоа што таа е всушност вториот дом на децата. Во изминатиот период од јули 2010 година до 31.12.2012 вкупно се инвестирани 9 961 375 денари од кои: 2 700 000 средства од Министерството за труд и социјална политика, 400 000 средства од донации, 2 856 202 средства од Општина Битола и 4 005 173 сопствени средства. Конкретно во оваа градинка во декември 2012 година во детска градинка комплетно е променета дрвената дограма со нова ПВЦ дограма, отворена е нова градинка „Ѕвездички“ и други инвестиции во другите градинки, насочени кон создавање на што подобри услови во детските градинки“, изјави Лидија Митревска, директор на ЈОУДГ „Мајски цвет“.
Ваквата динамика на инвестиции и подобрување на условите во детските градинки продолжува и во идниот период.