Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот Владимир Талески денес во битолското село Маловишта ја посетија 73 годишната осамена старица Вера Лича, каде што општината од неодамна започна со обнова на нејзината куќа, а министерството за труд и социјална политика и понатаму продолжува да и помага на оваа жена за која со години се грижи центарот за социјална работа.
Министерот Спасов потврди дека директната помош и поддршка на Лича и се доделува по нејзината цврста одлука да остане во својата куќа и да не се смести во Домот за стари лица „Сју Рајдер“ каде ќе има подобри услови за живот.
„Кога дознавме за проблемот реагиравме веднаш. Ние во соработка со градоначалникот и центарот за социјални работи во Битола интервениравме за овој случај, за тетка Вера, која е во социјален ризик и која живее во субстандардни услови, а со цел да и помогнеме да го надмине ризикот во кој што се наоѓа, но и да ги подобриме условите за нејзин живот, изјави министерот Спасов, нагласувајќи дека објектот со поддршка на општина Битола набрзо ќе биде реновиран и тетка Вера ќе има многу подобри услови за живот. Исто така, ќе продолжи постојаната парична помош, а ќе обезбеди и еднократна парична помош. Куќата ќе биде опремена преку акцијата „Се грижиме за топол дом“ со целосна опрема, мебел и покуќнина, а ќе бидат обезбедени и донации во храна, облека и средства за хигиена со цел целосно да се надмине ризикот во кој што се наоѓа и значително да се подобрат нејзините услови за живот.
Општина Битола минатата седмица започна со обнова на куќата и за најкус временски рок ќе ја реконструира куќата и ќе обезбеди нови услови за живот на осамената Вера Лича од селото Маловишта кое се наоѓа на територијата на националниот парк „Пелистер“.
„Сакаме да помогнеме максимално и затоа општината сто-процентно ќе го санира објектот кој имаше разрушен ѕид. Кровот ќе биде целосно нов, ќе поставиме дограма и нов под. Објектот освен што го спасивме од рушење туку ќе биде целосно нов, а градбата сигурна. Ја почитуваме одлуката да остане во нејзината куќа иако и понудивме сместување во домот за стари лица, истакна Талески.
Осамената старица Вера Лича изрази огромна благодарност до градоначалникот и министерот кои и помогнаа својата старост да ја помине во подобри услови.
Заедничката и брза интервенција во овој случај е уште една потврда за успешната координација помеѓу министерството и општината, како и успешната реализација на проектот „Се грижиме за топол дом“.