„КАМЕРА“ ГО ОТВОРИ БИТ ФЕСТ 2014

„КАМЕРА“ ГО ОТВОРИ БИТ ФЕСТ 2014

Тајната на филмот е во тоа што филмот е илузија, вели Џорџ Лукас, а дефиницијата на Антонен Арто констатира: Киното е совршен медиум поради тоа што потенцијално може да се вклучи во бесконечните можности на мислата преку употреба на подвижни слики, кои не се потпираат само врз текст за да создадат значење. Според Конрад Хол Мора да ја разберете природата на светлината.
“Она што јас се обидувам да го постигнам, пред сè, е да ве натерам да прогледате.” – Д В Грифит
Овие пораки, дефиниции, констатации и гледишта вешто се проткајуваат низ мултимедијалниот проект „Камера“ со кој на 27.06 беше отворено деветтото издание на БИТ ФЕСТ, најдолгото културно лето во Република Македонија. Раздвижувајќи ја Старата битолска чаршија на еден посебен начин режисерот Сашо Миленковски преку перформансот „Камера“ прави истражување на односот помеѓу реалноста и илузијата видено низ очите на кинематограферот. Браќата Манаки – првите кинематографери во овој дел на светот се почетоците на една голема епопеа на реструктуирање на реалноста во уметност.
Во претставата се користат текстови од нивни духовни наследници, кинематографи и теоретичари на филмот, но и текстови кои го опсервираат посебниот однос помеѓу реалноста и илузијата наречена – живот“.
„Битола го има филмскиот град, го има Фестивалот Манаки, ја има првата камера на Балканот, го има најградскиот град, ја има Старата чаршија, сите тие елементи, вечерва во претставата ги гледаме низ очите на Браќата Манаки. На овие сокаци ни се помешаа мирисот, звукот и вкусот на Битола од почеток на дваесетти век. Вечерва гледаме една апотеоза на филмот, поврзување на целата филмска поетика – од Манаки до последните филмски изданија“, изјави Сашо Миленковски, режисер.
Иван Јерчиќ и Борче Ѓаковски во мултимедијалниот проект ги играат ликовите на Јанаки и Милтон Манаки. Јанаки во „Камера“ зборува за верата или за некаква универзална телепатија преку која луѓето низ историјата го имаат истиот естетски концепт за природната средина. „Живееме помеѓу два самраци: предвечерието на еден свет и зората на друг свет. Самракот е нејасен, сите насоки се збунувачки; само очи наострени од волјата за откривање на исконските и невидливи знаци на нештата и суштествата,  можат да го пронајдат патот низ магливата визија на анима мунди. Во секој случај, шестата уметност сама се наметнува на немирниот и критички дух, вели тој во дел од својата реплика. Додавјќи го сознанието од тибетските будистички учења стигнува до констатацијата за перцепциите: Имињата и значењата на нашите перцепции ги учиме од останатите луѓе. Тие не учат уште од најмали. Со други зборови, се што добиваме е од втора или трета рака, и кога ги перципираме работите, го употребуваме паметењето и ги применуваме имињата кои сме ги добиле.
Затоа,Милтон не води до реалноста преку                                                                                                       -Филип К Дик: „Реалноста е она што, кога ќе престанеме да веруваме во него, не исчезнува“.
Низ монтажа на филмски сценски кадри се доловува моќта на филмот, неговото влијание врз свеста и самосвеста. „Внатрешниот процес на себе-промислувањето се префрла кон надвор. Нивното само-набљудување е механички зачувано сè до последната минута од нивните животи. Филмот за самоконтрола што оттука натаму свеста го одвиткува внатре во нивните глави, се префрла на држачот за филм на камерата, и свеста, која претходно се огледува исклучиво и само за себе, ја пренесува оваа функција на машината, која ја зачувува таа слика во огледало за и другите да можат да ја видат. На овој начин, субјективниот менталитет се претвора во социјален“.
Најпосле „Камера“ не е проект кој може едноставно да се репродуцира, тоа е перформанс кој единствено може да се доживее и ненаметливо да насочи кон едно посебно видување на животот низ објективот на филмската камера.
Во мултимедијалниот проект „Камера“ играат Иван Јерчиќ, Борче Ѓаковски, КУД Илинден, а сценариото и режијата се на Сашо Миленковски, Јован Ристовски и Александар Црвенковски.
БИТ ФЕСТ 2014 го отвори покровителот на фестивалот со најголем број содржини, кој истакна:
„Од вечерва до 29 август ќе имаме вкупно 165 содржини, односно 270 настани. Од пристигнатите 320 апликации, оваа програма што ја предлагаме цениме дека најповеќе ги задоволи критериумите на БИТ ФЕСТ и продолжуваме со нашиот концепт да одговориме на сите вкусови и генерации. Сите содржини мора да го имаат мирисот, вкусот, аромата
на македонската култура. Фаворизираме македонски уметници и поддршка на се она што значи големо историско богатство и традиција. Не случајно се одлучивме вечерва за еден таков перформанс-мултимедијален спектакал со кој го отвораме БИТ ФЕСТ оваа година. Се работи за два света кои се наоѓаат на едно место, а каде ако не во магичната Битола. Реалноста и илузијата. Асоцијацијата се разбира не води точно кај Браќата Манаки, да видиме што се случува во филмска, историска Битола. Од вечерва во Битола почнува динамична културна програма која што ќе ја понудиме на домашната публика, но и на големиот број туристи кои доаѓаат во Битола, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Мултимедијалниот проект „Камера“ направи вистинска корелација помеѓу проектот „Битола Филмски град, Фестивало „Браќа Манаки“ и Браќата Манаки.