ОТВОРЕН ДЕН НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“

ОТВОРЕН ДЕН НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“

Во организација на Универзитетот Свети Климент Охридски од Битола, а со поддршка на локалната самоуправа и Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески, денеска на Плоштадот Магнолија во овој град беше организиран „Отворен ден на УКЛО – Битола“. Целта на настанот е пред идните студенти да се претстават студиските програми од сите високообразовни институции, а сегашните средношколци изборот да го направат според своите афинитети и потребите на пазарот на трудот:

„Денес се реализира една идеја која ја имавме со години. Покрај што се претставивме на саемот во Скопје, сметавме дека е добро да се претставиме и на местото каде што е седиштето на Универзитетот во Битола – каде има и најмногу членки. Затоа решивме да го направиме тоа затоа што сметавме дека е потребно за да се доближиме до луѓето. Ние имаме 12 полноправни членки, од кои 10 факултети, една висока медицинска школа и еден научен институт од Прилеп и секако другите придружни членки. Оваа манифестација ќе стане традиционална, изјави Проф. Д-р Златко Жоглев, Ректор на Универзитетот Свети Климент Охридски.

Ректорот информираше дека техничкиот факултет веќе е збогатен со нови акредитирани студиски програми кои што произлегуваат од детектираната потреба на кадри, а оваа година над 4000 студенти ќе имаат можност да се запишат на трите циклуси: додипломски, постдипломски и докторски студии. Студиските програми според потребите на пазарот на одредени факултети вклучуваат и студии на англиски јазик Новиот социоекономски совет пак, кој го формира општина Битола, ќе овозможи поголемо детектирање на потребите на пазарот и креирање образовни профили според реалните потреби од работодавачите:

„Ова е уште една нова дополнителна форма за презентација на сите околу 150 програми што УКЛО ги нуди пред сите матуранти, кои имаат можност да ги разгледаат програмите на УКЛО и своето понатамошно образование да го продолжат таму. Нашиот универзитет нуди одлични можности, а ние на повеќе начини, а наскоро и преку нашиот социоекономски совет кој што во една фаза е завршен, мислам дека овозможуваме точно согледување на потребите од кадри кои ќе треба да се оспособат, едуцираат за да продолжат понатаму да бидат граѓани кои ќе создаваат, ќе творат, ќе создаваат семејства и општествени вредности. Ова е уште една дополнителна потврда на одличната соработка помеѓу универзитетот и локалната самоуправа, заеднички проект со кој нашите млади луѓе ги поддржуваме и насочуваме укажувајќи им дека образованието е најголемото богатство, а ние како локална самоуправа преку неколку наши програми се обидуваме младите да ги задржиме во нашиот град и во соработка со Владата на Република Македонија се обидуваме да создаваме нови работни места, изјави Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески.