ПОЛОЖЕНО СВЕЖО ЦВЕЌЕ ПО ПОВОД 11 ОКТОМВРИ

ПОЛОЖЕНО СВЕЖО ЦВЕЌЕ ПО ПОВОД 11 ОКТОМВРИ

 

Градоначалникот на општина Битола и делегација на Сојузот на борци, по повод 11 Октомври денес положија свежо цвеќе пред споменикот на народноослободителната борба и пред споменикот на Стив Наумов во Битола.

„Во оваа прилика, сакам да го честитам големиот македонски празник 11 Октомври – празникот на востанието на македонскиот народ, празникот на народноослободителната борба, денот кој потсетува на еден дел од историското минато на македонците и на Република Македонија. Ова е уште еден момент кој што укажува на обединетоста, на тоа колку му значело на македонскиот народ во текот на историјата да се обединат околу она што е најсвето, најзначајно, најдрагоцено и најскапоцено-слободата на Република Македонија, нејзината независност, она што ние го живееме неколку генерации наназад. Тоа е плод на еден континуитет во историското минато на македонскиот народ, кој не само тогаш – пред повеќе децении, туку и денес многу значи. И денес, оваа генерација почитувајќи ги тие големи вредности, историски личности и историски настани како што е 11 Октомври, доаѓаме до еден момент кој што укажува на повторна потреба од ново обединување. Денеска, македонците од целиот свет се обединети околу најдрагоценото, најскапоценото, најсветото – Република Македонија. Сите генерации наназад во своето време направиле неколку чекори напред. Убеден сум дека денеска и оваа генерација ќе ги направи најзначајните чекори за Република Македонија. Нека ни е за многу години празникот, нека ни е вечна Република Македонија“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.