Хортикултурно уредени, збогатени со детски реквизити и клупи за одмор, 29 нови детски паркови веќе го менуваат ликот на повеќе локации во општината. Покрај визуелното разубавување на овие простори, особено значајна е функционалноста која ја добива одредениот простор кој станува прекрасно катче за одмор и рекреација. Ваквите паркови се направени по барање на жителите на урбаните и месните заедници во општина Битола, а ново место за игра на најмладите и одмор на ворасните денес доби и Горно Оризари.
„Денеска сме тука конкретно за еден мини детски парк, а вакви низ целата општина Битола за последните 2 години направени се 29. Претходно, барањата на мештаните во Горно Оризари беа за асфалтирање на дел од улиците и според програмата на Советот на општина Битола, а според приоритетите на урбаните заедници и она што е возможно финансиски да се реализира во една тековна година, ние тоа го правиме. Во изминатиот период во овој дел на општината имавме повеќе интервенции: асфалтирање на улиците Крсте Нале и Стара чешма, како и обезбедување на квалитетно водоснабдување за жителите во с. Раштани, проект реализиран во соработка со Министерството за транспорт и врски. Точно на ова место каде што започнаа активностите за изградба на водоводот, денеска поставуваме еден мини детски парк кој многу ќе го разубави слободното време на децата и родителите“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
ЈП Комуналец ја реализира својата програма за редовно одржување на хигиената во општината, а од идната пролет според барањата од урбаните заедници, повторно продолжува со уредување на нови детски паркови.
„Ефектот е постигнат, посетеноста на сите паркови е масовна и секојдневно пристигнуваат барања од сите урбани заедници. Со почетокот на пролетта продолжуваме со вакви паркови, кои покрај хортикултура, добиваат детски реквизити и други додатни елементи. Се надевам дека ќе бидат искористувани и одржувани од месното население“, изјави Зоран Соклевски, директор на ЈП Комуналец – Битола.
На денешната посета на Горно Оризари, Градоначалникот Талески, директорите на јавните претпријатија и претставници од Советот на општина Битола, остварија средба и со жителите од ова место, како дел од од активностите кои ги реализира локалната самоуправа за близок и чест контакт со сите граѓани со цел заеднички придонес кон разубавувањето и подобрувањето на условите за живот во општина Битола.