АВСТРИЈА ОТВОРА НОВ КОНЗУЛАТ ВО БИТОЛА

АВСТРИЈА ОТВОРА НОВ КОНЗУЛАТ ВО БИТОЛА

Градот со конзулска традиција ќе добие уште еден конзулат. Денеска, на официјалната посета на општина Битола, амбасадорот на Република Австрија го најави отворањето на австрискиот конзулат во Битола кој ќе овозможи интензивирање на соработката помеѓу Битола и Виена, а градоначалникот Талески потврди дека тоа ќе претставува голема предност за нашата општина.
„Денешен гостин е австрискиот амбасадор кој ни донесе една многу убава вест. Со нас е д-р Валентина Илиева од денеска како почесен конзул на Австрија во Република Македонија, односно во Битола. Постапката траеше извесен период наназад. Се радувам што австријците се одлучија да отворат почесен конзулат во нашата општина Битола. Им се заблагодарувам на амбасадорот, на австриската Влада и на Министерството за надворешни работи на РМ и на Владата на РМ за експресната одлука која што ја донесоа. Во идниот период ќе ја интензивираме заедничката соработка со Австрија и посебно со општината од Виена со која што сме збратимени, така што со посредување на амбасадорот и нашиот почесен конзул ќе ги обновиме сите контакти со Виена. Ова е голема придобивка затоа што во новото време кога веќе се создаваат услови за поголеми инвестиции во Република Македонија, а Австрија води една интересна улога, убеден сум дека ќе изнајдеме начин и за уште поголема соработка за што госпоѓата Илиева ни стои на располагање. Со овој настан се интензивира и се надградува веќе познатата историја на Битола конзулски град и тоа максимално го заживуваме и поддржуваме“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Новиот конзул веќе ги најави можностите за поголема соработка помеѓу двете држави, нагласувајќи го значењето за економскиот и научниот напредок.
„Ова е огромна чест за мене. Долгогодишната соработка со амбасадата на Република Австрија во Република Македонија, со првиот амбасадор и со сегашниот, сите манифестации кои што досега ги организиравме вродија еден многу убав плод – нашата општина се здоби со уште еден конзулат којшто верувам дека ќе претставува еден мост помеѓу Виена, Битола и Австрија и нашите сограѓани ќе имаат можност да соработуваат на сите полиња: како на научно, така и на економско поле да соработуваат со граѓаните на Република Австрија“, изјави Валентина Илиева.
Своето задоволство од новата соработка, на македонски јазик го искажа и Н.Е д-р Томас Михаел Бајер, Амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, нагласувајќи „Многу се радувам што госпоѓата Илиева од денес е конзул во Битола, градот со многу голема конзулска традиција во Република Македонија“.