Градоначалникот на општина Битола, заедно со дел од советниците од Советот при општина Битола, директорот на СОУ Таки Даскало и членови на советот на родители при музичкото училиште денес остварија посета на ова училиште и ја информираа јавноста за активностите кои веќе се реализираат, а комплетно ќе биде завршени на почетокот на летниот распуст. Музичкото училиште ќе добие одлични услови за квалитетна настава:
„Со процесот на децентрализација музичкото училиште не дојде под локална самоуправа, но како такво можеме да го помогнеме со наше посредување, но и нешто повеќе. Зошто? Затоа што музичкото училиште пред повеќе години има еден договор со нашето средно училиште Таки Даскало кое што е под ингеренции на локалната самоуправа, така што имаме програма како сето ова да го подобриме. Во тек е реконструкција на А делот и таа е завршена, но има некои ситни работи кои што треба да се дозавршат, така што овде во блокот Б предвидена е реконструкција на дограмата и целосно санирање на фасадата, значи 8 см термичка изолација. Очекуваме до месец мај да има потполна замена на целата дограма, не само на двата ката каде што е музичкото училиште туку на целиот објект да се направи фасадата што значи дека можеби ќе биде и многу подобар блокот од оној претходниот во А делот. Како локална самоуправа веднаш ќе ја подобриме ситуацијата во тоалетите, деновиве започнуваме со интервенции, ќе ги подобриме условите со тоа што ќе интервенираме во двата дела. Имаме голем проект, но останува греењето. Таков проект не е доставен или не е изработен. Максимално ќе помогнеме да се направи таков проект и да најдеме начин како тоа да го финансираме, така што доколку е возможно следната сезона ќе имаме решено и греење во средното музичко училиште. Овие деца што се тука постојано ќе имаат одлични услови за работа“, изјави Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Директорот на СОУ Таки Даскало информираше за досегашниот тек на реконструкцијата – проект кој се реализира во соработка со министерството за образование:
„Целата реконструкција на двете училишта, што го опфаќа и музичкото училиште целокупната надворешна дограма и фасада со изолација треба да заврши до крајот на мај почетокот на јуни. Тоа е договорено со изведувачите со кои постојано сме во контакт и најавено ми е дека зависно од временските услови почнуваат за околу 20 дена“, изјави Владимир Трифуновски, директор на СОУ Таки Даскало.
Советниците од Советот на општина Битола ги повикаа своите колеги од опозицијата ваквите прашања заедно со нив да ги решаваат во рамките на институциите:
„Како комисија за јавни дејности при Советот на општина Битола, деновиве доколку е потребно со градоначалникот на општина Битола ќе свикаме вонредна седница на комисијата за јавни дејности, ќе го разгледаме случајот со музичкото училиште и ги повикуваме опозиционерите наместо да излегуваат на прес конференции да дојдат во рамките на институцијата Совет на општина Битола и комисијата за јавни дејности и да ги кажат своите сугестии и предлози по однос на овој проблем“, изјави Илче Димовски, комисија за јавни дејности.
Претставниците од советот на родители изразија голема благодарност за покажаната грижа, но замолија нивните деца да не се искористуваат за нечиј партиски маркетинг.
„Сакам да изразам благодарност до градоначалникот и до советниците на општина Битола што дојдоа, ги увидоа проблемите и дадоа ветување дека ќе се реши. Ние сме свесни дека преку ноќ не може да се среди оваа ситуација, но се надевам дека за време на летниот распуст ќе се докомлетира ова училиште и ќе заличи на училиште. Поздрав до сите, да се тргнат надвор од училишните дворови, особено до политичките партии, да ги остават учениците да си ја завршат работата докрај, Советот на родители и сите надлежни институции. Мислам дека е страмота да се злоупотребува за политички маркетинг ситуацијата во која се наоѓаат учениците“, изјави Златко Стојковски, член на Совет на родители.