КЈП НИСКОГРАДБА НАБАВИ НОВО МУЛТИНАМЕНСКО ВОЗИЛО

КЈП НИСКОГРАДБА НАБАВИ НОВО МУЛТИНАМЕНСКО ВОЗИЛО

Продолжува опремувањето на јавните комунални претпријатија со опрема која ќе биде во функција на проектите кои ги реализира општината. Денес беше промовирано новото мултинаменско возило на КЈП Нискоградба, тростран кипер, опремен со комплетна опрема и додатоци кои овозможуваат негово користење и во екот на градежната сезона, но и во зимски услови и тешко пристапни терени. Камионот со целата додатна опрема е во вредност од 7 760 000 денари. Со новото возило и останатата механизација која неодамна беше набавена, денес се вршеа подготовките на теренот во АРМ 1 каде наскоро започнува изградбата на комплетна инфраструктура:
„Сите објекти, за кои што инвеститорите добија максимално поволни услови за градба, ќе бидат поврзани со нова инфраструктурна мрежа: водоводна мрежа, фекална канализација, атмосферска канализација, електрификација и секако патна инфраструктура. Денеска започнуваме со расчистување и убеден сум дека со КЈП Нискоградба ќе направиме еден голем потег и ќе ги испочитуваме термините кои што се запишани во договорите на инвеститорите. Започнуваме многу интензивна градежна сезона во нашата касарна и таа ќе трае не само оваа градежна сезона, туку и следната. Очекувам кон крајот на оваа градежна сезона овие големи објекти кои што се веќе во завршна фаза да бидат потполно инфраструктурно средени“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Покрај АРМ 1 каде што повеќе инвеститори веќе градат, интерес постои и за останатиот простор од поранешната касарна, така што општината во идниот период ќе вложи напори за инфраструктурно уредување и на останатиот дел. Ваквиот пример доаѓа од позитивното искуство на локалната самоуправа при изградбата на индустриската зона „Жабени“ и привлекувањето на повеќе инвеститори што резултираше со изградба на фабриката „Кромберг и Шуберт“ и вработување на 1300 граѓани.