Делегација од стопанственици од градовите Истанбул и Измир, Република Турција, денеска го посетија Градоначалникот на Општина Битола м-р Владимир Талески. На средбата се разговараше за можностите кои ги нуди општина Битола за странските инвеститори, како и за исклучителните поволности кои ги добиваат инвеститорите.
Градоначалникот Талески ги запозна гостите со Индустриската зона Жабени, каде што 32 инвеститори веќе имаат купено 49 градежни парцели, издадени се 3 одобренија за градба, а веќе успешно функционира и фабриката за автомобилска индустрија Кромберг и Шуберт. Турската делегација беше запозната и со просторот на старата касарна каде што исто така се создаваат услови за инвеститори, а во тек се и градежни активности на оние кои веќе имаат купено парцели. На средбата се разговараше и за повеќе други локации на кои е предвидена изградба на нови капацитети.
Турските инвеститори изразија голем интерес за разгледување на можностите, деталните урбанистички планови и конкретните локации на кои можат да ги реализираат нивните идеи за инвестиции кои се однесуваат на изградба на станови, капацитети за производство на сточна храна и био – ѓубриво и други конкретни проекти за кои што ќе се разговара на идната средба.