ТОПЛИФИКАЦИЈА НА БИТОЛА – ПРОЕКТ СО ФИНАНСИСКИ И ЕКОЛОШКИ БЕНЕФИТИ

ТОПЛИФИКАЦИЈА НА БИТОЛА – ПРОЕКТ СО ФИНАНСИСКИ И ЕКОЛОШКИ БЕНЕФИТИ

Топлификација на Битола, како еден од приоритетните проекти на АД ЕЛЕМ продолжува да се реализира со забрзана динамика. Поради надминување на одредени пречки кои би можеле да се појават на терен при физичката реализација на проектот, денеска во општина Битола се одржа работен состанок со стручните служби, проектантите и останатите субјекти вклучени во проектот во кој ќе се инвестираат 60 милиони евра, а ќе обезбеди финансиски и еколошки бенефити за сите граѓани на општината.
„Причината зошто дојдовме е точно дефинирање на локацијата, односно трасата каде што ќе минува магистралниот цевковод, дистрибутивната мрежа низ градот Битола и потстаниците од каде што ќе доаѓа енергијата до домаќинствата. Отворените прашања ќе ги надминуваме заедно со локалната самоуправа за што побрза реализација на проектот. Очекуваме во месец ноември да биде изработен проектот по што ќе се пристапи кон физичка реализација. Првичните инвестиции кои се планираат се околу 60 милиони евра, а веќе имаме согласност од КФВ банката дека ќе го поддржи овој проект. Законот за задолжување очекуваме некаде во месец ноември да биде пред парламентот со што ќе биде потврдено и финансирањето на овој проект“, изјави Дејан Бошковски, генерален директор на АД ЕЛЕМ.
Физичката реализација на проектот: Топлификација Битола се очекува во првата половина на 2015 година, а во 2017 според проекциите граѓаните ќе ги почувствуваат вистинските придобивки во своите домови. Понатамошното ширење на проектот ќе зависи од потребите на населението, локалната самоуправа, стопанствениците, индустријата.
„Веќе работиме на еден од најзначајните проекти, ветен на граѓаните на општина Битола. На денешниот работен состанок ги ангажиравме сите служби кои се вклучени во проектот. Главна тема на денешниот состанок беше трасирањето на примарниот топловод којшто треба да дојде до градот и се разбира можностите за секундарната и терцијарната мрежа. Сето она што Битола го има ќе биде предвидено во проектот затоа што сакаме да ги искористиме сите постоечки ресурси. Ова е многу значаен проект за Битола, токму поради загадувањето кое повремено се појавува, а најчесто се должи на начинот на затоплување на домовите. Токму затоа, проектот има еколошки и финансиски бенефити, а истиот ќе обезбеди топлинска енергија од РЕК Битола по прифатлива цена за сите граѓани, рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески на денешниот работен состанок нагласувајќи дека голем дел од институциите – големи потрошувачи веќе имаат мрежа при што ќе се овозможи брзо приклучување на примарниот топловод.