Управата за имотно правни работи денес во Битола ја реализираше акцијата ,, ОТВОРЕНИ ДЕНОВИ ’’ во подрачното одделение на Управата за имотно правни работи, каде граѓаните можеа да се информираат за статусот на своите поднесени барања за приватизација, и за други прашања од имотно – правната сфера.
Ја користам оваа можност да апелирам до сите оние граѓани, кои што имаат поднесено некомплетни барања за приватизација, од типот на барања без наведена катастарска парцела, без имотен лист за кој што се бара да се приватизира. Во одредени случаи постојат и барања без име и презиме на подносителот, или адреса од истиот, така што ние не сме во можност да ги искомуницираме граѓаните, за да ги комплетираме тие предмети, изјави директорот на Управата за имотно правни работи Зоран Крстаноски.
На средбата беше дискутирано за проектот, кој што ќе го реализираат Управата за имотно правни работи заедно со општината Битола. Ќе бидат составени стручни тимови, кои ќе ги посетуваат населените места во општина Битола, каде во директен контакт со граѓаните ќе се информираат за проблемите кои ги имаат, поврзани со надлежноста на Управата, со катастарот и со легализацијата на објектите. Исто така се зборуваше и за динамиката на донесување на урбанистички планови кои се доста важни за Управата за донесување на решенија за приватизација.
Веќе сме во завршна фаза на формирање на Јавно претпријатие за планирање и проектирање, кое ќе се занимава исклучиво со урбанизам, каде ќе се изработува Генерален урбанистички план, и сите детални урбанистички планови кои треба да се усогласат со Генералниот урбанистички план. Така што сите оние кои досега немаа можност да бидат вклопени со деталните урбанистички планови, ќе се обидеме максимално да ги прифатиме, но се разбира само оние кои ги исполнуваат условите, истакна градоначалникот Владимир Талески.