Во рамките на бизнис деновите низ Македонија, денес во Битола словенечко македонскиот бизнис клуб и општина Битола организираа ден за промоција на словенечкото и македонското стопанство. На настанот беа претставени услугите и производите на компаниите од двете држави.
„Ме радува што денес повторно сум во Битола со градоначалникот и што продолжуваме со промоција на словенечката економија во Македонија. Денес словенечките и македонските претпријатија ќе имаат можност да ја продлабочат одличната економска соработка“, изјави амбасадорот на Словенија, Бранко Раковец.
Освен економската соработка во идниот период се очекува општина Битола да соработува со повеќе градови од Словенија и во други сфери:
„Покрај овој настан, разговараме перспективно и за други можности кои идниот период заеднички ќе ги разгледуваме. Зборувавме и за можностите кои ги нуди нашиот НП Пелистер со можност да видиме со претставници кои имаат поголемо искуство за изградба на капацитети – зимски и туристички центри, да ги контактираме и доколку има заинтересирани да дојдат и да погледнат што е она во нашата општина што е интересно за инвестиции“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Наскоро, се очекува општина Битола да ја интензивира соработката и со збратимениот град Крањ.