ЗАПОЧНА ТЕМЕЛНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ГРАДСКИОТ ПАЗАР ВО БИТОЛА

ЗАПОЧНА ТЕМЕЛНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ГРАДСКИОТ ПАЗАР ВО БИТОЛА

Градоначалникот на општина Битола и директорот на ЈП „Пазари“-Битола со ставање камен-темелник денес го означија почетокот на темелната реконструкција на централниот градски пазар во Битола. Реализацијата на проектот ќе се одвива во три фази:
„Започнува првата фаза од реконструкцијата на пазарот. Заеднички општина Битола со јавното претпријатие Пазари, ја започнуваме оваа фаза која според нашите проценки ќе биде завршена пред крајот на оваа година. Се работи за поставување на нова инфраструктура, кровна конструкција и нови тезги. Сите активности во првата фаза ќе чинат околу 13 000 000 денари. Општината учествува со 9 000 000 денари, а разликата во цената до 13 000 000 денари е инвестиција на ЈП Пазари. Проектот ќе се реализира во три фази, по што ќе бидат обезбедени модерни услови, нови тезги, ќе биде решен проблемот со паркирање и пристапни патишта. Оваа година ќе биде завршена првата фаза, а до крајот на мандатот на оваа локална самоуправа верувам дека ќе биде реализиран и целиот проект“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Градскиот пазар во општина Битола е еден од најснабдените  пазари во југозападна Македонија, а во моментот храната се продава на 500 тезги. Со завршувањето на темелната реконструкцијата бројот на тезги ќе биде зголемен, а Битола ќе добие модерен и стандардизиран пазар:
„Првата фаза опфаќа над 100 тезги, типизирани и опремени по сите пропишани стандарди. Битола ќе добие пазар во кој ќе може да се пристапува од сите страни, комплетно заштитени тезги, така што ќе се создадат услови за повеќе од 500 тезги, затоа што Пелагонискиот регион нуди голема понуда на стоки кои може да се пласираат тука, изјави Благој Дивитаров, директор на ЈП „Пазари“
Првата фаза од темелната реконструкција на централниот градски пазар во Битола се изведува на површина од 1.000 метри квадратни, а купувачите и продавачите реконструкцијата ја прифаќаат со големо задоволство.