Во Клиничката Болница во Битола, 15 секунди после полноќ се роди првото новороденче во 2012 година во Битола. Ова новороденче е трета ќерка на Тони и Наташа Марковски од битолското село Лисолај. До 12.00 часот напладне во Клиничка болница Битола се родија уште две женски и едно машко новороденче.
Во гинеколошко – акушерската болница Плодност, пак, првороденото бебе е машко, а до 12.00 часот напладне на првиот ден од Новата 2012 година, во оваа болница се родија четири новороденчиња од кои 3 се машки, а едно девојче.
Градоначалникот Талески, традиционално и оваа година ги посети новородените на кои им подари посеби новогодишни подароци.
Оваа година, за првпат, покрај во Клиничката болница, Градоначалникот Владимир Талески им подари новогодишни подароци и на првородените во првата новоотворена приватна гинеколошко акушерска болница во Битола – Плодност.
На првиот ден од почетокот на Новата 2012 година, на двете клиники во Битола родени се 8 новороденчиња, што претставува рекорден број на новородени во споредба со изминатите години.