ОДБЕЛЕЖАН ДЕВЕТТИ МАЈ – ДЕНОТ НА ЕВРОПА

ОДБЕЛЕЖАН ДЕВЕТТИ МАЈ – ДЕНОТ НА ЕВРОПА

Со повеќе настани, денеска на плоштадот Магнолија беше одбележан 9 ти Мај – Денот на Европа. По тој повод во Битола присуствуваше и конзулот во амбасадата на Романија во Република Македонија Адриан Дуцу.
„Навистина е голема чест што се наоѓам денеска во Битола и имам чест заедно со овој прекрасен народ да го прославиме деветти мај – Денот на Европа, којшто е еден голем ден за сите нас. Иако за првпат сум тука, верувам дека повторно ќе дојдам во вашиот прекрасен град“, изјави Адриан Дуцу, конзул во амбасадата на Романија во Република Македонија.
Организатор на програмата по повод 10 годишнина од најголемото проширување на Европската Унија е општината Битола и ЕУ инфо точката во соработка со повеќе невладини организации и институции од општината.

„За оваа манифестација ги имаме ангажирано сите основни училишта и едно средно училиште – СОУ Јане Сандански. На штандовите кои се поставени секое од училиштата претставува по една земја членка на Европската унија. Исто така, вклучени се и осум невладини организации кои што на штандовите ги претставуваат проектите кои што ги добиле од Европската унија. Се е во знакот на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа – 9 ти мај којшто од година во година добива се пошироки димензии и мислам дека насоката и на новите генерации е точното, вистинското размислување, имајќи ја предвид историјата на македонскиот народ и сите случувања во НОБ, која што всушност претставува борба за ослободување од фашизмот. Токму денес се навршуваат 69 години од победата над фашизмот. Тоа е значаен датум за Република Македонија и ми се допаѓа укажувањето на министерот за образование со кое денес на првиот час сите наставници имаат обврска да потсетат на значењето кое што го имаше народноослободителната борба за победа над фашизмот. Мислам дека тој историски континуитет ќе продолжи со интегрирање на Република Македонија во Европската унија“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Покрај музичко – забавната програма на Плоштадот Магнолија во Битола, свежо цвеќе беше положено и пред споменикот на НОАВМ пред Центарот за култура.