НОВИ УЧИЛНИЦИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ ОД СЕЛО ДИХОВО

НОВИ УЧИЛНИЦИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ ОД СЕЛО ДИХОВО

Учениците од подрачното училиште на ОУ Д-р Трифун Пановски во село Дихово второто полугодие од оваа учебна година го започнаа во комплетно нови простории. По барање на мештаните, локалната самоуправа интервенираше во комплетна адаптација на две нови училници, изградба на санитарни јазли и нова дограма. На овој начин, со оваа инвестиција во вредност од половина милион денари создадени се услови за квалитетен воспитно образовен процес во одделенска и предметна настава.
„Во рекордно време она што го договоривме со луѓето од село Дихово го направивме. Се работи за интервенција во овој дел од Домот на културата, затоа што старата зграда на училиштето беше навистина во многу лоша состојба, посебно што статиката беше нарушена. Таму беше потребна многу голема интервенција, а немаше можност и за санитарни јазли. Одлучивме овие простории максимално да ги реконструираме и направени се две нови училници, тоалети, нова дограма, кровна конструкција, под, а исто така се потрудивме и објектот да го заштитиме и во другите простории кои што не се училници. На ваков начин заживува целиот простор, а убеден сум дека на родителите кои што имаат дечиња кои што го посетуваат ова училиште во многу ќе им се смени животот затоа што сега имаме максимална заштита, затоплени училници и услови за воспитно образовниот процес без никакви пречки. Со оваа интервенција мислам дека дадовме импулс за заживување на целото село“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Жителите на селото Дихово изразија огромна благодарност кон градоначалникот и локалната самоуправа за реализацијата на овој проект кој ќе овозможи голем дел од учениците кои патуваа во централното училиште во Битола, сега наставата да ја следат во селото Дихово.
„Образованието е еден од врвните приоритети на локалната самоуправа. Благодарност до локалната самоуправа која во рамките на своите надлежности и можности ни овозможи да имаме непречен воспитно – образовен процес. Учениците од ПУ с.Дихово второто полугодие го започнаа во нови простории со просторно – материјални услови за квалитетна настава. Во овој објект сменета е дограмата, што значи значителна заштеда на огрев, осветлување, тоалети, интервенција на кровната конструкција“, изјави Снежана Терзиевска, директор на ОУ Д-р Трифун Пановски.