ДОГОВОРЕНИ КОНКРЕТНИ АКТИВНОСТИ СО ЗДРУЖЕНИЕТО „ЗА НАС СЕ РАБОТИ“

ДОГОВОРЕНИ КОНКРЕТНИ АКТИВНОСТИ СО ЗДРУЖЕНИЕТО „ЗА НАС СЕ РАБОТИ“

Претставници од Здружението за чист воздух „За нас се работи“ денес остварија средба со градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески. Покрај потврдувањето на реализацијата на првично договорените барања, на денешната втора средба беа прецизирани и другите конкретни активности кои ќе ги реализираат во соработка помеѓу општината и здружението.
„Имавме доста продуктивна средба со градоначалникот и се договоривме начелно резултатите од нашите мерења и резултатите од мерењата кои што ги предвидува општината да ги обединиме во едно. Тие резултати кои ќе ги покажат ПМ 10 честичките да ги искористиме за да добиеме едно првично определување на загадувачите во Битола и да кажеме дека од пролетта наредната година, бидејќи тоа е долготраен процес, нашето мерење ќе заврши сега, но резултатите ќе ги имаме дури до крајот на јануари, додека општината нивното мерење го планира за крајот на февруари, што значи дека резултатите од нивното мерење ќе ги добијат некаде во текот на април, што би значело дека од почетокот на мај треба да се тргне во делумно решавање и процесуирање по однос на загадувачите кои што ќе бидат детектирани врз основа на ПМ 10 честиците“, изјави Иван Јерчиќ, портпарол на Здружанието „За нас се работи“.
Здружението „За нас се работи“ најави запирање на сите други споредни активности и во идниот период концентрирање на активностите насочени кон решавање на проблемот со аерозагадувањето.
„Денешната средба беше многу продуктивна и мислам дека здружението денеска со својот начин на однесување се обиде и успеа да не увери дека е една невладина организација која што сака и цени да се фокусира на еден многу значаен проблем во нашата општина, а тоа е аерозагадувањето, без разлика што ние како општина и како Совет имаме одредени постапки и во еден дел имаме ингеренции, а во друг дел не, бидејќи тука е надлежно министерството за животна средина. Сепак се договоривме активностите да ги обединиме. Понудата од моја и нивна страна е да направиме заедничка екипа која што ќе работи заеднички, така што понеделник ќе направиме еден документ кој што ќе не обврзи на заедничка соработка.“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Општина Битола мерења ќе врши во текот на целата 2015 година со цел конкретно да може да се идентификуваат точните загадувачи. Проблемот со аерозагадувањето е над сите нас и затоа сите заеднички мора да го решиме, рече градоначалникот Талески на денешната средба со здружението.