ОПШТИНА БИТОЛА СО НИЗА АКТИВНОСТИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ

ОПШТИНА БИТОЛА СО НИЗА АКТИВНОСТИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ

На барање на Советот на општина Битола, Министерството за животна средина и просторно планирање до општина Битола испрати повеќе информации кои се однесуваат на состојбата на амбиенталниот воздух во општината. Податоците кои беа побарани од министерството се дел и од барањата кои ги упати до општината Здружението „За нас се работи“:
„Како Совет на општина Битола неколку седници со ред дискутиравме на оваа тема и донесовме една програма за заштита на амбиенталниот воздух која опфаќа и краткорочни и долгорочни акции кои што треба да се преземаат. Исто така, имавме една граѓанска иницијатива од здружението за почист воздух каде што се побара една информација од Министерството за животна средина која што ја добивме и ќе ви ја презентираме. Во неа, прво ни даваат информации за квалитетот на воздухот во поглед на сулфур диоксидот, азот диоксидот, јаглерод моноксидот и озонот при што констатација е дека сите нивни вредности е во концентрации под дозволеното ниво. Исто така, дадена е информација за суспендираните честички ПМ10 – колкав е нивниот број на надминување во текот на годината, при што дадено е објаснување зошто е тоа така, односно дека во голема мера зависи од климатските услови во нашата општина. До Министерството се обративме и за нефункционалноста на мерната станица Битола 2 и дадена ни е информација дека во 2015 година веќе е во постапка тендер со кој што ќе се набават резервни делови, а мерната станица ќе се стави во функција, но искуството од 2004 година наваму покажува дека двете мерни станици покажуваат слични резултати“, изјави д-р Силвана Анѓелевска, претседател на Советот на општината, на денешната прес конференција во Битола.
Консултативното тело формирано при Советот на општината Битола покрај членовите на комисијата при советот вклучува и голем број стручни лица во делот на животната средина, а истото е отворено за секој граѓанин кој може да даде придонес. На последната седница на телото едногласно беше донесена методолошка рамка по која општината ќе постапува во иднина. Сепак Анѓелевска нагласи дека состојбата со амбиенталниот воздух е проблем со кој се соочува секој поголем град, а истиот бара ангажман на централно, локално ниво, но и од секој поединец. Градоначалникот Талески, посочи дека општината во својата тековна работа продолжува со низа активности насочени кон подобрување на амбиенталниот воздух.
„Во тек се подготовки на два тендери: за хемиска супстанца која може да се користи под одредени услови (се нанесува на патната инфраструктура и ги собира честичките до метар и половина) и тендерот за избор на фирма која би требало со повеќе мерења да го открие хемискиот состав на честичките. Тука би сакал да дополнам дека и покрај оние невладини организации чија што иницијатива ја прифативме и ги прифативме како наши соработници, гледам дека таквата соработка веќе се злоупотребува и се исполитизира максимално. Освен опструкциите и обидите за дефокусирање на јавни манифестации, нема ништо друго, како и обвинувањата кои или од неукост или тенденциозно се насочени кон општината, кон Советот, кон градоначалникот, да не зборувам за целата загаденост што ја имаат на интернет мрежите. Се работи за луѓе кои имаат друга цел, а аерозагадувањето им дојде како добро средство за афирмација. Укажувам на можноста од манипулација кон граѓанството затоа што и денешниот настан укажува на нешто друго. Апсолутно се работи за една политичка организираност која што нема цел да го третира воздухот, туку со тоа евентуално да добијат некакви политички поени. Како потврда дека се манипулира со одредени податоци, Ве известувам дека, ние ги примивме и разговаравме со луѓето од здружението и постапивме по одредени барања, затоа што имаа одлични сугестии на почетокот. После второто барање за средба овластив со решение службеник за да им биде 24 на располагање“, изјави градоначалникот на општина Битола д-р Владимир Талески.
Градоначалникот апелира да не се злоупотреби чувствителната тема, нагласувајќи дека општина Битола прави низа активности за да ја подобри состојбата со воздухот, каде единствени надминувања покажуваат ПМ 10 честичките. Во таа насока е и подобрувањето на патната инфраструктура, изградбата на кружни текови, зголемената  програма за зелени површини на јавното претпријатие Комуналец преку Советот на општината, зонското паркирање, проектот за топлификација на градот и други проекти. Градоначалникот ги повика членовите на Здружението на конструктивност и соработк
а во идниот период, ослободени од секакви партиско политички цели кои впрочем во изминатиот период беа манифестирани на неколку јавни настани. Денешното вклучување на активисти на здружението во протестот на студентите дополнително зборува за целите и насоченоста на здружението, нагласи Талески на денешната прес конференција во Битола.