После посетата на дел од поплавените места во Пелагонија, регионалниот кризен штаб повторно одржа состанок за прецизирање на новите мерки за заштита и спречување на поголеми штети од поплавите. На денешниот состанок беа договорени неколку локации на кои ќе се извршат градежни активности. Во моментот се врши вонреден преглед на мостот на патот кој се користи како алтернативен, а според најавите по тој пат се очекува да се движат, покрај автобуси и лесни возила и тешки товарни возила. Водостојот на река Црна е намален, но опасноста и натаму постои:
„Од утре ќе се започне со санација на патот кој беше прекинат со цел повеќе да биде излеана реката Црна за да не настрадаат населените места. Активностите се координираат секојдневно. За утре се очекуваат нови врнежи од дожд и снег, а од недела пониски температури, така што тогаш ќе престане и топењето на снегот“, изјави Министерот Миле Јанакиески, координатор на републичкиот кризен штаб, кој ги повика граѓаните да ја покажат својата хуманост преку донирање на објавените сметки.
Градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски, информираше дека се решаваат проблемите кои се појавија со пресекувањето на регионалниот пат, поставена е платформа како пешачки мост, а целосно поплавена е една куќа во Новаци од која жителите се иселени, додека на 20 семејства им се заканува опасност. Превентивните интервенциите продолжуваат со цел заштита и на битолските села:
„Претпладнево направивме една мала обиколка. Активно работиме со целата механизација, инжинери, јавни комунални претпријатија, градежни фирми. За сите оние кои сакаат да помогнат да кажам дека во сабота Црвениот крст организира една голема акција на Магнолија, во Магаза и горното Веро. Има потреба од хигиенски средства и вода. Во моментов најкритично е во Новаци. Проекцијата е дека следниов период превентивно ќе интервенираме околу Оптичари и Егри. Интервенции договорени се и кај: Скочивир, Елешка Река и во близина на РЕК – Битола“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Вклученоста на сите субјекти, добрата подготвеност и брзата интервенција се клучните фактори кои помогнаа во спречувањето на поплави од уште поголеми размери. Состојбата на теренот ја скенираат и здравствените работници кои веднаш после подобрувањето на условите, ќе преземат мерки за заштита од заразни болести.