ИНСТАЛИРАНИ СОНЧЕВИ ТЕРМАЛНИ КОЛЕКТОРИ ВО ДЕТСКИТЕ ГРАДИНКИ

ИНСТАЛИРАНИ СОНЧЕВИ ТЕРМАЛНИ КОЛЕКТОРИ ВО ДЕТСКИТЕ ГРАДИНКИ

Општина Битола покрај тоа што се залага за подобрување на енергетската ефикасност, примена на обновливи извори на енeргија и заштита на животната средина, исто така  е посветена на подобрување на условите на престој на децата и персоналот во детските градинки. Во изминатиот период, со инвестиција на општина Битола во двете централни градинки, ЈОУДГ Мајски Цвет и ЈОУДГ Естреа Овадија Мара беше реализиран проектот „Примена на обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност со примена на сончеви термални колектори“. Со овој проект стариот и финансиски лош начин на загревање на водата е заменет со нов начин со големи економски и еколошки бенефити.
Имено, до неодамна загревањето на санитарната топла вода во ЈОУДГ Мајски Цвет Битола и во ЈОУДГ Естреа Овадија Мара Битола, се вршеше со бојлери на електрична енергија кои главно се користеа во кујната, пералната и на други места во градинката, така што овој начин на загревање на санитарната вода не само што беше финансиски скап, истиот се покажа еколошки и енергетски лош, а целодневната вклученост на бојлерите на електрична енергија, при што децата и вработените користеа топла вода, претставуваше дополнителна опасност за корисниците.
Општина Битола, со цел надминување на овие недостатоци инвестираше во комбиниран систем за загревање на санитарна топла вода во двете најголеми градинки во кои се сместени и реонските кујни за сите градинки, каде како главен извор на топлинска енергија е сончевата енергија. Од особено значење е што системот има можност кога нема сонце да се загрева преку централниот систем за греење кој работи на нафта. Со овој систем за загревање се овозможи снабдување со голема количина на топла вода како и користење на санитарна топла вода и во тоалетите за дечињата што досега не беше случај.
„Оваа интервенција се покажа многу ефикасна. Се работи за проект за енергетска ефикасност. Вкупната вредност на инвестицијата во двете градинки изнесува над 2 600 000,00 денари, односно во ЈОУДГ Мајски Цвет Битола имаме инвестиција од околу  1.105.376 денари, а вградени се 8 сончеви колектори, еден прохромски бојлер  од 800 литри,  и термостатски вентили за регулација на температурата на водата за да не дојде до несакани повреди на рацете на децата, како и останата опрема потребна за исправна работа на системот. Заштедата на енергија зависно од времето можи да достигни 12 000KWh/годишно, а заштедата на финансиски средства и до 90 000 денари од вкупниот буџет. Веќе размислуваме ова да го прошириме и во другите градинки и училиштата“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Битола со својата местоположба има одлични услови за искористување на сончевата енергија. Директорката на ЈОУДГ Мајски цвет ја нагласи големата придобивка од овој проект изразувајќи голема благодарност до општината за досегашните заложби за подобрување на условите во детските градинки.
Во ЈОУДГ Естреа Овадија Мара Битола вградени се 10 сончеви колектори, еден прохромски бојлер од 1000 литри и термостатски вентили за регулација на температурата на водата, како и останата опрема потребна за исправна работа на системот, а вкупната вредност на инвестицијата е околу  1.580.000 денари. Заштеда на енергија зависно од времето можи да достигни  15 000 KWh/годишно, а заштедата на финансиски средства зависно од времето може да достигни и до 120 000 денари годишно.
Поголем дел од инсталираната опрема е од македонско производство.