Екипата на филмот „Ослободувањето на Скопје“, на денешната прес конференција изрази голема благодарност за поддршката која им ја овозможи општината Битола при реализацијата на овој проект. Денес, снимањето на филмот завршува во Битола, а продолжува во Скопје:
„Беше супер. Во Битола бевме точно еден месец. Многу сме благодарни на Битола како град, на луѓето кои беа толку трпеливи и покажаа разбирање кон нас. Градоначалникот ни излезе во пресрет и се чувствувавме како да се наоѓаме на сред некое големо америчко студио. Исто така и времето одлично не послужи, така што изгледаше како некој од горе да го режира целиот филм. Од Битола продолжуваме во Скопје“, изјави Раде Шербеџија, режисер на филмот.
Филмот „Ослободувањето на Скопје“ е прво режисерско остварување на Шербеџија, а истиот овозможува афирмација на исклучителните и единствени локации на Битола.
„Нашата идеја за Битола филмски град чекор по чекор се остварува и мислам дека со прикажувањето токму на овој филм каде што како режисер се појавува Раде Шербеџија, Битола ќе ја афирмираме уште повеќе, ќе добиеме уште повеќе режисери кои што ќе сакаат да ги реализираат своите филмски дела токму во Битола. Шербеџија одбра неколку интересни локации кои не често можат да се најдат во другите градови. Тоа е афирмација за Битола, а насловот е наслов кој повторно ја афирмира Македонија“, рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Премиерното прикажување на филмот се очекува идната есен.