ОТВОРЕН НОВ ДОМ ЗА СМЕСТУВАЊЕ НА СТАРИ ЛИЦА

ОТВОРЕН НОВ ДОМ ЗА СМЕСТУВАЊЕ НА СТАРИ ЛИЦА

Во населеното место Кравари, во општина Битола, денес беше отворен новиот старски дом „Свети Спас“. На отворањето на домот за стари лица присуствуваа Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, градоначалникот на општина Битола д-р Владимир Талески и инвеститорот Димче Тристовски. На денешната свеченост министерот Спасов потсети дека денешниот новоотворен дом е еден од 16 те сместувачки капацитети, од кои 13 се отворени само во 2013/14.
„Сите новоотворени старски домови вработуваат повеќе од 200 лица со што дополнително се придонесува за зголемување на вработеноста на медицински кадар и негуватели. Ние како МТСП ќе продолжиме и понатаму да соработуваме со потенцијалните инвеститори да инвестираат во отворање на нови старски домови“, рече министерот Спасов.
Во општина Битола, во изминатиот период повеќе инвеститори покажаа интерес за отворање на старски домови.
„Со новите инвестиции, со Домот за стари лица „Сју Рајдер“ и домот „Св. Спас“ во Кравари значително се подобрува состојбата со сместувачки капацитети за стари лица. Сите иницијативи на локалната самоуправа и Владата на Република Македонија охрабруваат се поголем број на инвеститори да вложуваат во оваа сфера. Во општина Битола веќе се пријавија неколку лица заинтересирани за изградба на Дом за стари лица во просторот на поранешната касарна“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.