По повод Денот на ослободувањето на градот – 4 ноември, вчеравечер во Народниот театар во Битола се одржа Свечена академија на која беа доделени 4 – то Ноемвриските награди. Имињата на добитниците, според одлуката на управниот одбор за прв пат беа соопштени на вчерашната свеченост.
Општинската награда „4 Ноември“ , за животно дело е доделена на Професор Стерјовски Александар – истакнат професор, научен работник од областа на историјата на македонската литература и историјата на Битола, хроничар и истражувач, кој со особено чувство навлегува длабоко во тајните на проблематиката, откривајќи ги до најситни делови сите параметри на истражувачкото подрачје. Се одликува со особена упорност и сестраност во текот на работата и создавањето на одредено дело. Има објавено преку стотина статии од областа на фолклорот, етнологијата, историјата на македонската литература и историјата на Битола. Автор е на монографиите „Брусник“ и „Велушина“. Носител е на научниот проект „Печатарството и издаваштвото во Битола.
Со голема возбуда и најава на идниот голем проект Стерјовски го прими големото признание, заблагодарувајќи се во име на сите наградени.
Општинската награда „4 Ноември“ за 2013 година им се додели на:
Организација на жени на општина Битола за активности во невладиното работење и нејзино постоење од 70 години. Дел од активностите кои ги спровела и ги спроведува Организацијата се:описменување и учење на хигиенски навики кај жените, поделени се 25 тони хумантирана помош на 600 социјално загрозени семејства, учество на меѓународната конференција на жени во Берлин, учествувала во повеќе проекти и активности, меѓу кои: „Помош на стари лица во домашни услови“, организација на „Битолски слатки филиграни“, „Батали дрога, гледај живот“, “Влијанието на најздравата исхрана кај школските деца и поврзаноста на шеќерната болест во понатамошниот живот“.
СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола за постигнатите резултати во изминатата учебна година: највисока награда од Министерството за образование и наука, постигнато е прво место од полагањето на екстерните испити од државната матура за учебната 2012/2013, прогласена за апсолутен спортски шампион, учество во проектот „Модел на европски парламент“, успешна развиена соработка со локалната заедница (бизнис секторот, АВРМ, Завод за здравствена заштита итн.), интензивна соработка за развивање на партнерства и соработка со училишта од други држави. На манифестацијата на Битолски весник „Избираме најуспешни битолчани“ според гласовите на читателите беше прогласена како најуспешна во областа на средното образование.
Ансамбл за фолклор „Гоце Делчев“ како најнаградуван фолклорен ансамбл во Република Македонија во последната деценија и единствен кој настапува и презентира сопствена програма (изворен и кореографиран фолклор).
Менаџерски тим на фабриката „Кромберг и Шуберт“ како успешна странска инвестиција за производство на кабелски инсталации во Индустриската зона Жабени. Инвестицијата е во вредност од 26 милиони евра, а според планот на инвеститорот до 2015 година предвидено е да бидат вработени 3500 лица. Според проценките, компанијата за време од девет месеци направила околу 10 милиони евра извоз.
Петровски Велчо „Папал Дизајн“ за неговото значајно остварување во областа на стопанството во неговата фирма „Папал дизајн“ основана на 19.10.1991 година. Во изминатиот период преку својата фирма за својот град придонесува за естетскиот изглед и дава свои идејни решенија на огромен број на фирми. Во неговата фирма се создаваа и едуцираа поголем број на млади деца, кои што научија и се вклучија во стопанството и другите институции. Активен е во областа на музиката, настапувајќи на фестивали за староградски песни.
Нагрaдите им ги врачи Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, изразувајќи им голема благодарност за нивните досегашни остварувања. Уметничката програма продолжи со исклучителниот концерт „За моја Битола“ кој од срце ја распеа публиката со настапот на: Ламбе Алабаковски, Здравка Мирчевска, Димитар Андоновски, Ирена Димовска и Бојан Стојков во придружба на камерниот оркестар од Битола под диригентска палка на маестра Бисера Чадловска.