71 ГОДИНА ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА БИТОЛСКИТЕ ЕВРЕИ

71 ГОДИНА ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА БИТОЛСКИТЕ ЕВРЕИ

Во Општина Битола денес се одбележа 71 година од депортацијата на Евреите од Битола. Повеќе делегации од Република Македонија денес остварија средба со градоначалникот на општина Битола, а беше положено и свежо цвеќе на спомениците пред Здравствениот дом:
„И оваа година го чествуваме овој ден кога пред 71 година на овој ден ги однеле битолските евреи, 3200 од Битола – скоро половина, вкупно од Македонија 7000 и завршиле во логорите на Германија и Полска. На овој начин, покрај што сакаме да одадеме почит, сакаме и да потсетиме и на овие генерации да не се случуваат вакви злодела само затоа што некој е друга раса, друга боја или говори на друг јазик“, изјави Ѓорѓи Блаjер, претставник на Еврејската заедница во Република Македонија.
Градончалникот на општина Битола, нагласи дека овој спомен во Битола се негува со децении, а општината во рамките на своите надлежности продолжува со континуирана грижа:
„Традиционално се собираме на овој ден да се потсетиме на еден голем историски трагичен настан. На ваков начин го даваме должното внимание и почит. Битола има голема меморија и во текот на својот развој, памети дека пред повеќе од седум децении се случи нешто што откина едно парче од Битола. Денес се потсетуваме, но тоа треба да биде и поука за сите нас“, изјави градоначалникот на општината Битола, д-р Владимир Талески.
Во културниот центар Магаза беше отворена изложбата на меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и НУ Завод и музеј Битола, насловена „Нови сведоци на холокаустот“. На отворањето на изложбата присутните ги поздрави и претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов кој денес е во посета на Битола.