ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ПОЖАРНИКАРИТЕ

ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ПОЖАРНИКАРИТЕ

Традиционално и оваа година Општина Битола и ТППЕ – Битола го одбележаа денот на пожарникарите – 20 Мај. Со желби за голем успех пред се во превентивното делување, градоначалникот на општина Битола им го честита нивниот празник:
„Денеска сме овде да го честитаме 20 Мај – Денот на пожарникарите. Во Битола имаме веќе 178 години противпожарна единица, честитки за упорноста и за сите навистина големи резултати на овие пожртвувани и храбри луѓе што ги прават со секој потег. Нашата противпожарна единица од ден во ден е се подобра и подобра. Ги имаат сите потребни обуки, но најважниот сегмент, секако е добрата опременост на противпожарната единица со најсоодветна опрема, за разлика од почетокот кога ги добивме како надлежност, кога луѓето немаа никаква опрема и облека. Се обидуваме максимално да ги опремиме и денеска можеме да констатираме дека во нашата единица многу е подобрена ситуацијата, а ние продолжуваме понатаму со понатамошно усовршување и опремување“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески нагласувајќи дека се почесто акцентот се става на превенцијата особено од шумските пожари, што резултира со висок степен на заштита од пожари.
Во изминатиот период локалната самоуправа реализираше повеќе проекти и соработки со збратимените градови, како резултат на што се овозможи значителен напредок на состојбата во единицата:
„Ние сме водители на пожарникарството во Македонија, затоа што од овој терен почна пожарникарството, настојуваме и ќе бидеме и во иднина двигатели на противпожарникарството во државата. Стануваме се посигурни, возниот парк го зголемивме, локалната самоуправа на пожарникарите им обезбеди заштитна опрема, што е особено важен сегмент во заштитата од пожари. Состојбата е добра, а најголем проблем е екипираноста, затоа што оваа единица според површината што ја покрива треба да имам минимум 70 пожарникари. Се надевам дека наскоро ќе дојдеме до бројката што е препорачана како гарант за заштитата на нашите граѓани“, изјави Костадин Поповски, раководител на ТППЕ – Битола.
Успесите и добрите резултати кои ги постигнува ТППЕ – Битола се потврдуваат со брзи и ефикасни интервенции, а дополнителна потврда за квалитетните и стручни кадри е вчерашниот прв републички натпревар во извлекување на жртви од технички несреќи, каде што екипата од Битола освои трето место.