Со заедничка акција на локалната самоуправа и Американскиот мировен корпус, изминатиот викенд над 30-тина волонтери од САД и жителите на селото Дихово, како и членови на еколошкото друштво “Сапунчица” од Дихово беа ангажирани за расчистување на околината и самото потпелистерско село Дихово од насобраниот смет.
-Ова е еден од нашите десетина топ проекти. Идејата на нашата волонтерка Патрис Коерпер од САД ние со задоволство ја прифативме и активно се вклучивме во организацијата и изведувањето на акцијата. Идејата за оваа акција беше на Американскиот мировен корпус претставуван од Патрис Коерпер, а се останато беше наше. Планираме ваквите акции да ги прошириме и на други локации – истакна градоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој зеде активно учество во акцијата. Оваа акција наиде на голем интерес кај диовчани, кои масовно зедоа учество во акцијата и за само два дена буквално го “светнаа” селото и неговата околина.
Во акцијата покрај жителите на Дихово и американските волонтери зедоа учество и вработени во јавните претпријатија “Нискоградба” и “Комуналец”, кои со својата механизација го собираа сметот и комуналниот отпад.