Започна 42. Издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ Битола. На фестивалот организиран од Центарот за култура Битола ќе настапат над 30 фолклорни ансамбли од Македонија, Австралија, Северен Кипар, Хрватска, Србија, Бугарија и Грција. Фестивалот ќе трае четири дена и свечено ќе биде затворен со концертот на групата „Љубојна“ што ќе се одржи на 30 јули во античкиот локалитет „Хераклеа’ со почеток 20:00 часот.
Свеченото отворање започна со орото „Комитско“ во изведба на Ансамблот на народни песни и игри „Илинден“ од Битола а на истото свое обраќање имаа Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески и директорот на Центарот за култура Борче Димитровски. Фестивалот го прогласи за отворен Потпреседателката на Собранието на РМ Светлана Јакимовска.
На првата фестивалска вечер настапија русалиската фолклорна група „Русалии“ од Секирник, фолклорниот ансамбл „Бучим“ од Радовиш, ансамблот на народни песни и игри „Кочо Рацин“ од Скопје, КУД „Шпреса“ од Велешта, ФА „Битола“ и „Китка“ од Истибање, сите од Македонија, како и гостите од странство, односно КУД „Плетер“ -Дугополје од Хрватска, уметничкото друштво „Мелитис“ од Грција и културно уметничкото друштво на македонците иселеници во Австралија „Јане Сандански“ од Мелбурн
Посебен белег на фестивалот ќе му дадат и придружните манифестации: „Проекции на етно филмови“, „Песна на Широк Сокак“, „Ехо од дамарите“, Семинарот за традиционална музика и игра, дефилето „Со песни и ора низ битолските улици“ и манифестацијата „Оро на Широк Сокак“.