78 ГОДИНИ ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА БИТОЛСКИТЕ ЕВРЕИ

78 ГОДИНИ ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА БИТОЛСКИТЕ ЕВРЕИ

Со полагање свежо цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи од Битола и на споменикот на Естреја Овадија Мара од страна на градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, делегација на Советот на Општина Битола, директорките на здравственот дом „Д-р Хаим Абраванел“ и ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“, претставници на Сојузот на пензионери и претставници од СДММ, се одбележа 78 годишнината од депортацијата на Евреите во Втората свсетска војна.

„Денешниот ден побудува длабоки емоции кај сите нас како битолчани, затоа што нè потсеќа на еден трагичен настан од минатото, кога нашите сограѓани од Еврејската заедница беа депортирани од нашиот град. Одбележувањето на овој ден кое што го правиме секоја година, е од единствена причина дека сакаме да се сеќаваме на тој ден, заради тоа што ни значи да се сеќаваме на нашите сограѓани, на Еврејската заедница која што постоела во Битола, меѓутоа со тоа сакаме да покажеме кон целиот ссет дека се случило злодело кое што човештвото не смее никогаш да си дозволи да се повтори никаде на планетата. Упатувам голема благодарност до нашите пријатели од Израел за сите иницијативи кои што ги дадоа, за севкупната поддршка во сиот изминат период, како и иницијативите кои што следуваат, а кои што се во насока што заедно можеме да направиме за нашата иднина како народи и за нашите деца“, рече градоначалничката Наташа Петровска во обраќањето по повод 11 Март.

Пред присутните се обрати и директорката на здравственот дом „Д-р Хаим Абраванел“, Весна Спирковска, која укажа дека чинот на одбележување на овој датум од нашата историја, кој се случува на двата поставени споменици во дворот на здравствената установа, е показател за зачувување на дел од историјата на градот, кој за жал, оставил трајни последици врз битолските Евреи.

По повод 11 март, денот на депортацицјата на Евреите, во непосредна близина на здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“, беа засадени три јапонски цреши, како симбол на заедништвото и незаборавот, од страна на градоначалничката Наташа Петровска, директорката на здрвствениот дом Весна Спирковска и директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.