„70 ГОДИНИ АРХИВ БИТОЛА“

„70 ГОДИНИ АРХИВ БИТОЛА“

По повод 70 годишнината од основањето на Битолскиот архив, денес во Офицерскиот дом, се одржа посебен настан на кој беше промовирана и монографијата „70 години Битолски архивски хронотоп“ од авторите Гоце Стојановски – раководител, Марија Дурлова, Димитар Ѓорѓиевски и м-р Ивана Хаџиевска. На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој потсети на важноста на Државниот архив на Република Македонија и добрата соработка на општината со подрачното одделение во Битола.

„Успешната и среќна иднина, можеме да ја градиме само врз столбовите на почит кон минатото, искористување на знаењата, искуствата и делата создавани низ годините.

Животот на еден град, не започнува од нас како поединци и не завршува со нас, но генерациите кои доаѓаат после нас, мора да знаат што сме направиле, како што ние продолжуваме од местото каде што застанале нашите предци.

Тоа се однесува на развојот и изградбата на градот низ годините, на развојот на културата и фотографската дејност, неизбежно споменувајќи го делото на Браќата Манаки, како и многу други области кои се граделе и менувале низ годините.

Токму во овој контекст една од посебно значајните институции во нашиот град е Државниот архив, во кој се сочувани, соодветно складирани и заштитени фотографии, документи и друга документација, која ни овозможува да можеме сите ние да видиме дел од минатото, да го зачуваме сето тоа и денес, но и да оставиме трајни записи кои ќе се користат во иднина.

Како градоначалник, секогаш нагласувам дека архивата е многу важен дел од институцијата со која раководам. Општина Битола, посветува посебно внимание на овој дел и остварува добра соработка со Државниот архив на Република Македонија, посебно во делот на предмети од трајна вредност кои редовно се предаваат во архивот, а се од големо значење за градот и граѓаните на општината.

Општинската администрација, преку Одделението за Административни и општи работи е во секојдневна комуникација со вработените во архивот за непречено и правилно работење, чување и заштитување на документацијата која игра голема улога во зачувување на културното и материјалното наследство на градот.

Ваквата соработка овозможува, граѓаните на брз и лесен начин да ги побараат и добијат податоците за нивните потреби, кои можат да бидат од областа на културата, образованието, науката, урбанизмот и други области. Верувам дека, ваквата соработка ќе продолжи и во идниот период и заеднички со Држвниот архив, ќе имаме можност да реализираме и други активности низ кои ќе успееме на јавноста да и откриеме и некои подзаборавени, но значајни мигови за Битола.

Со искрени желби за успешна работа, го честитам 70 годишниот јубилеј на архивот во Битола, а воедно сигурен сум дека низ презентацијата на ова монографско издание „70 години Битолски архивски хронотип“, ќе нучиме многу работи за развојот на архивската, научно – истражувачката дејност, комеморативната функција на архивот и принципите на заштита на архивскиот материјал.

Голема благодарност до авторите, кои на овој начин вложувајќи се несебично, оставаат значајна, трајна вредност за нашиот град. Нека посветеноста и понатаму биде одлика на Вашата успешна работа“, рече во своето обраќање, градоначалникот Коњановски.