60 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ НА МАКЕДОНСКО-НАУЧНО ДРУШТВО БИТОЛА

60 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ НА МАКЕДОНСКО-НАУЧНО ДРУШТВО БИТОЛА

Македонско научно друштво-Битола, најстарата организација во државата посветена на научно-истражувачката и публицистичка дејност, одбележа голем јубилеј, 60 години постоење.

Јубилејните манифестации и програмски активности на МНД-Битола се одржаа под покровителство на градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, која истакна дека претставува привилегија да се биде градоначалник во време кога се слави голем јубилеј и традиција што ја востановиле плејада научно-стручни и културни дејци.

„Длабок респект кон сите членови на МНД-Битола кои во минатото и денес се вградиле со своето делување, со сета егзактност, чистота, со сета артистичка уникатност, со сета разумна творба која дава посебен белег во значењето на човека. Изминаа шест децении во кои Друштвото напиша безброј содржини, сведоштва за поминатото во овој град, но и регионот. Низа едиции ја потврдуваат животворноста на овие простори кои МНД-Битола овозможило да го видат светлото на денот и засекогаш да останат како трајно сведоштво“, рече Петровска.

Претседателот на МНД Битола д-р Маријан Танушевски истакна дека со оваа скромна свеченост, која се одржа според сите протоколи за заштита од ковид-19, им се оддава почит на лицата кои оставиле, но и кои оставаат траг во научната дејност на територијата на цела земја.

За долгодишна соработка, афирмација и поддршка на Друштвото, МНД-Битола им додели јавни благодарници и признанија на претседателот на РС Македонија Стево Пендаровски, Општина Битола, МАНУ, Министерство за култура, други национални и локални установи, а посебно признание му беше врачено на м-р Јован Д. Кочанковски (89 г.) единствен жив од 12-те потписници на иницијативата за формирање научно друштво во Битола во 1960 година.