НАД 50.000 ЕВРА ИНВЕСТИЦИЈА НА ОПШТИНА БИТОЛА ЗА СИГУРНО И БЕЗБЕДНО ВОДОСНАБДУВАЊЕ НА ГРАДОТ

НАД 50.000 ЕВРА ИНВЕСТИЦИЈА НА ОПШТИНА БИТОЛА ЗА СИГУРНО И БЕЗБЕДНО ВОДОСНАБДУВАЊЕ НА ГРАДОТ

Со градежните активности кои во моментот се одвиваат на потегот пред пумпната станица „Довлеџик“, Општина Битола обезбедува решавање на три долгогодишни проблеми кои претставуваа сериозна закана од различни аспекти.

Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска и Директорот на ЈП Водовод Горан Козаров, денес извршија увид во динамиката на изведба на активностите.

Со овој проект во вредност од 3.365.000 денари, финансиран од Општина Битола, се регулира коритото на реката Драгор, која поради нерегулираноста, при надоаѓање на вода, вршеше поткопување на земјиштето и дел од патот, при што се спречуваше пристапот до пумпната станица, со која се регулира водоснабдувањето на градот.

При таквото одронување, дел од 10 киловолтниот кабел, потребен за снабдување на пумпната станица со електрична енергија остана во воздух, што исто така претставува потенцијална опасност за регулирање на водоснабдувањето на градот, но и за општата безбедност на населението.

Реализацијата на овој проект и изградбата на потпорниот ѕид во реката Драгор пред пумпната станица за вода „Довлеџик“, ќе придонесат за регулирање на коритото на реката Драгор, спречување на паѓањето на патот и соодветно сместување на 10 киловолтниот кабел, за непречена работа и континуирано водоснабдување на градот. Исто така, во непосредна близина се наоѓа и компензациониот базен на ХМС Стрежево, до кој со овој зафат ќе се овозможи оперативен и безбеден пристап.

Изведувач на градежните активности е ЈП Водовод и истите се очекува да бидат завршени до крајот на овој месец.