Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес имаше средба со новите 32 студенти од Универзитетот „Свети Климент Охридски“, кои се пријавија и беа избрани на јавниот повик на општината за „Универзитетска летна пракса“. Студентите, како и минатата година, за време на летниот период ќе извршуваат практикантска работа во општината и јавните претпријатија, со доследно исполнување на договорените задачи и обврски, за што ќе добијат соодветен месечен надомест.
Градоначалникот Коњановски и проректорката за студентски работи, Јасмина Буневска Талевска, ги истакнаа придобивките кои ги имаат институциите и студентите, од воспоставената соработка на општината и универзитетот. Особено значајно е директното вклучување на студентите во работниот процес, со цел дополнително стекнување на практични знаења и искуства, но истовремено нивната ангажираност е значајна поддршка за инстутициите во периодот кога дел од администрацијата користи и годишни одмори.
За реализација на овој проект, кој се спроведува втора година по ред, Општина Битола, согласно Програмата за спорт и млади, издвојува 500.000 денари. Минатогодишната универзитетска летна пракса успешно ја завршија 30 студенти.