Битола денес, со тага го споменува еден од најтешките настани од поновата македонска историја, кој во масакрот кај селото Вејце, во конфликтот во 2001 година, ги одзеде животите на осуммина припадници на специјалната единица на МВР, од кои 4 беа битолчани.
Во нивна чест, пред споменикот на загинатите бранители во кругот на СВР Битола, споменикот „Ангел“ кај Саат кулата и споменикот на Бошко Најдовски во Долно Оризари, свежо цвеќе положија градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претставници на Советот на општината, полицијата, семејствата на загинатите, политичките партии и граѓаните.
Битола засекогаш ќе го зачува споменот за Марјан Божиновски, Илче Стојановски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски, а овој тежок настан треба да биде опомена за сите нас, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски:
„23 години од денот на убивањето на македонските херои. Тука сме да укажеме огромна почит и наклон кон нивното дело, да не остане заборавено, но и да се потсетиме на една голема опомена за сите нас: Ваквите настани да не се повторат никогаш повеќе. Сведоци сме дека, во предизборието повторно се слушаат националистички изливи, но тоа апсолутно треба да биде едно минато. Живееме во еден мултикултурен град и мултиетнички центар и треба сите достојно да одадеме почит на овие луѓе и да го одржиме споменот како што навистина залужуваат.
НЕКА ИМ Е ВЕЧНА СЛАВАТА НА ХЕРОИТЕ!“