22 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА БРАНИТЕЛИТЕ КАЈ ВЕЈЦЕ

22 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА БРАНИТЕЛИТЕ КАЈ ВЕЈЦЕ

Денес се навршуваат 22 години од масакрот кај селото Вејце, кога во конфликтот во 2001 загинаа осуммина припадници на специјалната единица на МВР, а од нив 4 беа битолчани. Во нивна чест, пред споменикот на загинатите бранители во кругот на СВР Битола, споменикот „Ангел“ кај Саат кулата и споменикот на Бошко Најдовски во Долно Оризари, свежо цвеќе положија градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претставници на Советот на општината, полицијата, семејствата на загинатите, политичките партии и граѓаните.
Денешниот ден е сеќавање на еден тежок настан од конфликтот во 2001, кога Битола ги загуби Марјан Божиновски, Илче Стојановски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски, а споменот за овие наши херои, ќе остане вечно сочуван.
„22 години од маченичката смрт на четворицата бранители на Македонија, нивната погибија во Вејце. Сочувство до семејствата, до Министерството за внатрешни работи и сите нивни пријатели и роднини кои сочувствуваат со овој момент. Тука сме да го сочуваме поменот на овие наши македонски херои, да одадеме почит и да кажеме дека она што останало во историјата не треба да го заборавиме. Со споменот нивни, заедно, во Битола, да продолжиме да го градиме ова општество во кое треба да продолжиме да живееме.
Вечна им слава и помен на хероите!“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски на денешното чествување.