184 ГОДИНИ ОД ПРВАТА ПРОТИВПОЖАРНА ЕДИНИЦА ВО БИТОЛА И НА БАЛКАНОТ

184 ГОДИНИ ОД ПРВАТА ПРОТИВПОЖАРНА ЕДИНИЦА ВО БИТОЛА И НА БАЛКАНОТ

Денес во Битола се одбележаа 184 години од формирањето на првиот противпожарен одред во градот, а во тоа време и прв на Балканот. Градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, заедно со командирот на ТППЕ Битола Костадин Поповски, им го честитаа Денот на пожарникарите, на припадниците на единицата во Битола. Петровска во обраќањето до пожарникарите, потенцираше дека актуелната локална самоуправа направила многу за да го подигне нивото и угледот на оваа професија.

„Се гордеам како градоначалник што во овој период успеавме да вложиме 157.000 евра во подобруање на условите во протипожарната единица. Имаме 15 нови вработувања, што значи зголемување на капацитетите од човечки ресурси. Тоа покажува дека ова раководство на локалната самоуправа и јас како градоначалник, сме ставиле акцент на исклучително значајна служба, која што е одговорна за животите на нашите граѓани. Во таа насока мора да се движиме. Им го честитам Денот на пожарникарството, но истовремено укажувам дека не е одговорноста само нивна, одговорноста е на сите нас како граѓани, затоа што чувањето на околината и на нашите животи, сепак зависи и од сите нас и нашето однесување“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Годинава, споредено со минатата година е намален бројот на пожари, но сепак, останува истиот апел, да не се пали оган на отворени локации.

„Од овој град започна институционализираното делување на противпожарната служба на Балканот и на тоа мора да сме горди. Нашата единица е подготвена за сите оперативни состојби на терен, а пожарникарите се, биле и ќе бидат во служба на граѓаните. Моментално единицата располага со 39 пожарникари, од кои 31 во битолската единица, а по 4 лица на припомош во општините Могила и Новаци. Со соодветната нова опрема и возилата, сметам дека може да се справиме за брза интервенција, што е прв и почетен услов за секој пожар. Најважно од се е што со зголемениот човечки потенцијал, можеме полесно да се организираме“, рече Поповски.

Битолската територијална противпожарна едицина е една од ретките која располага со специјализирани возила за шумски пожари.