Со положување свежо цвеќе на споменикот пред СВР-Битола и пред споменикот „Анѓел“ во Градскиот парк, денеска во Битола, им беше оддадена почит на бранителите кои загинаа во конфликтот во 2001 година кај тетовското село Вејце.
„Денес се потсетуваме на еден трагичен настан, засекогаш врежан во нашите сеќавања. Млади животи положени за татковината. Пред 13 години нашите бранители го положија својот живот за слободата на Македонија и зачувување на територијалниот суверенитет и интегритет на нашата држава. Историјата на македонскиот народ покажува дека Македонија секогаш имала синови, кои што достојно ја бранеле. Денес се потсетуваме на трагичниот настан што се случи во Вејце. Имињата на нашите бранители остануваат засекогаш врежани во нашите срца и со златни букви испишани во историјата на нашиот град. Достоинствено го чествуваме и се потсетуваме на денот кој што укажува дека она што се случи во Вејце – НИКОГАШ НЕ СМЕЕ И НЕМА ДА СЕ ПОВТОРИ!, рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески на денешното чествување.