Над 90 слободни работни места, денес беа понудени на штандовската презентација на 10 компании кои имаа можност да се претстават во рамките на Саемот на кариера, кој се одржува во Битола по четврт пат, во организација на МКЦ Битола и со поддршка од Општина Битола. Континуираната заложба на организаторите за намалување на младинската невработеност најдобро може да се согледа на овој начин, преку кој се врши поврзување на младите луѓе со компании, информирање на младите лица за користење на мерките за млади од оперативниот план за вработување и работа на индивидуален кариерен раст и развој на младите.
„По четврти пат се организира саем на кариера во Битола, каде што младите имаат можност да го разбудат својот претприемачки дух, односно да бидат поблиску до бизнис заедницата, да ги видат нивните идеи, од друга страна, бизнис заедницата да ги слушне идеите на младите и на тој начин, преку тоа приближување, младите да ја видат перспективата во приватниот сектор кој е предизвик во целиот свет“, изјави градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Програмата на денешниот саем на кариера имаше акцент на битолските приказни и битолските компании, а неговата организација како што нагласуваат организаторите значи излегување од безбедната зона, затоа што успехот започнува на крајот од безбедната зона. Токму, денес сите присутни имаа можност да слушнат за предизвикот кој значи успех и на истиот да му се придружат, креирајќи ја приказната на сопствената успешна иднина.