Со големото дерби, помеѓу Пелистер и Вардар, денес, официјално беа отворени вратите за влез на фудбалските фанови на новата северна трибина на стадионот „Петар Милошевски“. Инвестицијата од околу 7 милиони евра, која во досегашниот период ја вложи локалната самоуправа, единствено од сопствениот буџет, денес уште еднаш потврди, дека битолчани можат соодветно да ги вреднуваат проектите за кои силно се залагаат во насока на напредок на Битола.
Од новата северна трибина, заедно со големите фудбалски имиња, силна поддршка за ФК „Пелистер“, даде и градоначалникот Тони Коњановски, кој го овозможи комплетирањето на трибината согласно потребните стандарди и нејзиниот технички прием за безбедност и функционалност, истовремено овозможувајќи стабилизирање на битолскиот фудбалски клуб.
Иако, во првото полувреме на денешниот фудбалски натпревар, ФК „Пелистер“, беше доминантен, на крајот силите на теренот беа изедначени.
Од навивачката група „Комити“, пристигнаа околу 200 навивачи, а битолските вљубеници во фудбалот, присутни со над 2500 посетители на новата трибина и 1000 на јужната, меѓу кои и верните „Чкембари“, беа силен поддржувач на својот клуб „Пелистер“, за кој останува силната желба, верба и поддршка, дека наскоро ќе се избори за заслуженото место во првата лига.
Новата, северна трибина на стадионот „Петар Милошевски“, организирана е во 19 – 21 ред со 4618 места за посетители, 146 места за почесни гости, кабини за новинари (12), кабини за коментатори (2) со 8 места. Просторот под трибина е распределен на три нивоа, додека четвртото ниво е над самите трибини, односно претставува дел од трибинскиот простор, бидејќи се наоѓа во негово продолжение. Типот и организацијата на просториите е во согласност со пропозициите на УЕФА и програмските барања на инвеститорот – Општина Битола, а со цел правилно функционирање на фудбалскиот стадион.
Градоначалникот Тони Коњановски, најави дека, во следниот период, локалната самоуправа, ќе продолжи со инвестиции за доуредување на внатрешниот и околниот простор, како и внесување на комплетна функционалност на објектот, согласно меѓународните стандарди, но и во корелација со обврската за одржливост на објектот.