Согласно престојните процеси за Праведна транзиција во Битoлскиот и Пелагонискиот регион, потребно е соодветно вклучување и активно учество на сите засегнати страни и јавноста од регионите со јаглен во процесите на планирање и консултација. Бидејќи овој процес се уште во поголема мерка е непознат во јавноста, а сепак се однесува на иднината на регионот и градот Битола, потребно е поблиско запознавање со процесот, како и со усвоениот патоказ за Праведна транзиција.
Во таа насока, Министерството за економија, општина Битола и невладината Еко Свест организираат Форуми на заедницата за Програмата за праведна транзиција. На првата форумска средба се обратија градоначалникот Тони Коњановски, раководителот на секторот за енергетика во Министерството за економија Валентина Старделова и извршната директорка на невладината Еко Свест.
Градоначалникот Тони Коњановски ги посочи реализираните проекти на општина Битола во насока на поголема енергетска ефикасност на јавните објекти, како и субвенционирањата на граѓаните по однос на подобрување и заштита на животната средина.
„Затоа, со цел засегнатите страни во целиот процес на Праведна транзиција, а тука не е само локалната самоуправа, туку и бизнис секторот, јавните институции, невладиниот сектор, да бидат активни чинители, се одржуваат овие форуми, чии заклучоци ќе бидат пренесени во натамошните работни групи.
Климатскиот инвестициски фонд го одобри Инвестицискиот план за забрзана енергетска транзиција од јаглен кон чиста енергија во вредност од 85 милиони долари за Македонија, но ние повторно немаме никакви информации како општина, колку од тие средства се наменети конкретно за нашата општина, во кој дел е нивната намена, кој е начинот на кредитирање, дали кредитирањето ќе се одвива преку Владата, или дел ќе треба да сносат и самите општини итн. И на оваа тема денес ќе говорат денешните присутни соговорници.
Исто така, за нас е важно општината преку свои претставници, да биде вклучена во телата кои што ќе одлучуваат за распределба на средствата во насока на потребите на општината.
Затоа сметам дека во овој процес мора сите заедно да дадеме свој придонес, да ги кажеме нашите размислувања и идеи, што е тоа што му недостига на јавниот сектор, што на бизнис секторот. Повторно нагласувам дека нашите приоритети како општина се да се овозможат зелени вработувања и останувања на младите во својот град“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Форумите опфаќаат претставници на сите засегнати страни од јавниот сектор, образованието, науката, приватниот сектор и невладините организации, како форма за споделување на релевантни информации, прашања и одговори, споделувње на мислења и коментари од сите присутни учесници и формулирање на соодветни заклучоци и препораки кои понатаму ќе бидат споделени со соодветни работни групи на национално ниво и земени предвид во финалните предлог мерки за имплементација на Инвестицискиот план за Праведна транзиција за Пелагонискиот регион.