Во општина Битола, денес се одржа тематски форум насловен: „Унапредување на состојбата и пристапот до услуги на лицата со попреченост“. Целта на форумот беше да се разговара за проблемите со кои се соочуваат овие лица, но и да се влијае на зголемување на свеста за нивните потреби. Форумот е дел од Кластерот за учење за подигнување на свеста, во кој учесниците имаа можност да предложат активности, финансиски поддржани од страна на Мрежата на асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа, каде концептот на Општина Битола е фокусиран на проблемот со недоволен пристап на лицата со попреченост до спортски и рекреативни активности, што претставува потреба произлезена од социјалното мапирање.
„Општина Битола, со својата вклученост во проектот „Подигнување на свеста во заедницата за унапредување на социјалните права на ранливите категории, недискриминација и инклузија на локално ниво“, веќе спроведува повеќе активности, со кои ќе се зголеми свеста за потребите на овие лица во процесот на носење одлуки, во кој секако сме вклучени сите носители на функции, советници, но и претставници на невладиниот сектор и други субјекти, кои потребно е да делуваме партнерски.
Ваквиот пристап, очекувам да резултира и со решенија на проблемите кои произлегуваат поради недоволен пристап на лицата со попреченост до спортски и рекреативни активности, што секако значително ќе влијае и на подобрување на социјалната инклузија на овие лица.
Подобрувањето на условите во салата во центарот за социјална работа која ја користат лицата со телесна попреченост, визуелна попреченост и лица со проблеми со слух, како и едукативната кампања, која ќе следува, верувам дека се два чекори кои ќе дадат многу позитивни ефекти за подобрувањето на животот на овие наши сограѓани“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски во своето обраќање пред присутните.
Овој проект го имплементира Заедницата на единиците на локалната самоуправа во соработка со Мрежата на асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа (НАЛАС), а поддржан е од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).