ТРАДИЦИОНАЛНА НОЌНА АТЛЕТСКА ТРКА „4 НОЕМВРИ“

ТРАДИЦИОНАЛНА НОЌНА АТЛЕТСКА ТРКА „4 НОЕМВРИ“

Со целосно нов концепт, на ниво на високопрофесионални натпревари од ваков вид, како дел од програмата по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на Битола, се одржа традиционалната ноќна атлетска трка „4 Ноември“. На 64 та по ред ноќна атлетска трка, зедоа учество над 500 учесници и тоа ученици од 4 до 9 одделение од основните училишта и ученици од сите 4 години од средните училишта. На најстариот спортски настан во градот, зедоа учество и РЕК Битола и Кромберг и Шуберт со машка и женска екипа, како и други граѓани.

Учесниците на трката ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој изрази верување дека ваквите натпревари ќе бидат поттик за што повеќе спортски активности на младите битолчани, а почесниот претседател на Сојузот на спортови, Димче Миновски, говореше за историјатот на трката и големите спортски имиња од Битола, кои своите почетоци ги имале токму на ваков начин.

На традиционалната ноќна атлетска трка, која се одржува во организација на Сојузот на спортови, во соработка со Сојузот на училишен спорт, а со поддршка од општина Битола, за најдобрите беа доделени златен, сребрен и бронзен медал, за освоено прво, второ и трето место. Екипни победници на трката се: од основните училишта ОУ Коле Канински, а од средните Гимназијата Јосип Броз Тито.

Наградите ги доделија градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заменик градоначалникот Бојан Бојкоски, Претседателката на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска, претставници на Советот на општината, Сојузот на спортови и познати спортисти од градот.